Преодниот рок заврши и беше интересен како никогаш досега. Меси и Роналдо имаат нови клубови, средините ги сменија и големци како Рамос, Лукаку, Донарума, Хакими, Грилиш, Гризман, Санчо, Варан…
Ваквиот возбудлив преоден рок заврши на драматичен начин, со трансфери на Саул Нигез, Антоан Гризман и Лук де Јонг кои се случија буквално во последен момент.
Поради финансискиот фер-плеј трансферите беа врзани, доколку еден пропаднеше и останатите два немаше да се реализираат. Атлетико Мадрид мораше да се ослободи од Саул за да потпише со Гризман, а Барселона мораше да го даде Французинот за да го регистрира Де Јонг.
Во еден момент трансферот на Саул во Челси заглави, се пишуваше дека се е договорено, но проблем прави некој агент за одредена провизија, дел од шпанските медиуми тогаш напишаа дека трансферот нема да се реализира во предвидениот рок, а тоа ќе значи дека ниту Гризман ќе се врати во Атлетико, нути Де Јонг ќе потпише за Барса.
Сепак како се ближеше полноќ, вестите стануваа позитивни. Најпрво беше јавено дека трансферот на Саул во Челси е готов, следуваше потврда од лондонскиот клуб.
Веќе помина полноќ, неизвесноста стануваше се поголема, прашање беше дали трансферите на Гризман и Де Јонг го пробија рокот или успеаа да се реализираат навреме.
Во 1 часот по полноќ, Ла Лига потврди дека трансферите поминале, документите биле примени пред истекот на преодниот рок, тие ги провериле, се било во ред и играчите се регистрирани во новите клубови.
Минути ја делеа тројната зделка од колапс, но на крајот во една возбудлива завршница на преодниот рок, поминаа предвидените трансфери.






