сабота, 25 јули 2026

Во „Одисеја“ и во „Опенхајмер“ Нолан предупредува дека цивилизацијата е во опасност

Холивуд сака апокалипси. Ни се приближува крајот на светот, а херојот мора да го спречи. Но уништувањето на човештвото, иако е одличен материјал за сценаристите, всушност не е сосема прецизна дефиниција за апокалипса.

Илустрација: ВИ

Објавено на

часот

Сподели

Зборот потекнува од грчкото „апокалипсис“ – откровение. Моментот кога завесата се крева и накратко ни ја открива стварноста. Илузиите паѓаат, а скриеното излегува на виделина. Или, поинаку кажано: апокалипсата не е крај на светот, туку крај на еден свет и почеток на нов.

Токму тоа, пишува Алиса Вилкинсон во Њујорк тајмс, е вистинската опсесија на Кристофер Нолан. Затоа „Одисеја“ била речиси неизбежен избор за него, а новиот филм природен сопатник на „Опенхајмер“.

Во двата филма Нолан гледа многу подалеку од судбината на поединецот или од епохата во која се случува приказната. Него го интересира човештвото како целина – како сме поврзани низ вековите, како една идеја може да ја затвори една цивилизација и да отвори друга.

Во двата филма апокалипсата навистина доаѓа. Но светот не исчезнува. Само станува неповратно поинаков.

Во „Одисеја“, Одисеј е претставен како прото-модерен човек – сложен, мудар и морален. Тој живее според Зевсовиот закон на гостопримството: секој странец треба да биде примен, бидејќи можеби е бог. Наместо суеверија, верува во разумот. Наместо во силата, во честа.

Но токму тој човек го смислува Тројанскиот коњ.

Во филмот, Одисеј на Пенелопа ѝ признава дека уште тогаш знаел што направил.

„Еден човек, една идеја, една измама што засекогаш го прекрши Зевсовиот закон.“

Со тој дар, вели тој, борбата престанала да биде борба и се претворила во лов. Светоста меѓу луѓето била нарушена, а со тоа почнал крајот на бронзеното време.

Авторката тука гледа директна паралела со „Опенхајмер“.

Како што Опенхајмер ја создал атомската бомба без целосно да може да ги согледа последиците, така и Одисеј, со својот генијален трик, отвора нова ера во која старите правила повеќе не важат. И едниот и другиот ја добиваат битката, но го менуваат текот на историјата.

Тоа, според Вилкинсон, е суштинската тема на Нолан.

Неговите филмови постојано се враќаат на истото прашање: што си должиме еден на друг, но и што им должиме на оние што живееле пред нас и на оние што допрва ќе дојдат.

Во „Мрачниот витез“ тоа е моралниот избор меѓу опстанокот и етиката. Во „Тенет“ – одговорноста кон иднината. Во „Меѓуѕвездено“ – љубовта што ги надминува времето и просторот.

„Одисеја“, заклучува авторката, можеби е најмонументалниот филм на Нолан. Но колку неговите приказни стануваат поголеми и поепски, толку стануваат и почовечки.

Одисеј и Пенелопа зборуваат за крајот на нивниот свет. Но сонцето, велат, повторно ќе изгрее. Можеби секоја нова ера ни дава уште една можност да се обидеме да се спасиме самите себеси.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ