петок, 5 јуни 2026

Прва вакцина во светот дизајнирана од вештачката интелигенција

Вештачката интелигенција е искористена за развој на „фундаментално нов“ вид вакцина што би можела да заштити од широк спектар на вируси и да спречи пандемии, тврдат истражувачите.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Тим од Универзитетот во Кембриџ наведува дека ова е прв пат клучна компонента на вакцина да биде целосно дизајнирана со помош на вештачка интелигенција, а потоа тестирана на луѓе, пренесува Би-би-си.

Вакцината е развиена да делува против сите корона вируси, што ги вклучува сите варијанти на ковид, но и против вируси што инфицираат животни и би можеле да предизвикаат следна пандемија.

Истражувањето е сè уште во рана фаза, но тимот веќе развива одделни вакцини кои би можеле да се борат против грип и ебола.

Вакцините го учат нашиот организам како да препознае инфекција и ги зголемуваат шансите за успешна одбрана од неа.

Сепак, некои вируси се многу успешни во промената на својот изглед – односно мутирањето – па вакцините можат брзо да застарат. Затоа вакцините против ковид и сезонски грип редовно се ажурираат.

„Секогаш доцниме“, рече професорот Џонатан Хини од Универзитетот во Кембриџ, додавајќи дека „се обидуваме да бидеме еден чекор понапред“, толку понапред што можеме да ги заштитиме луѓето од нови епидемии или пандемии.

Вакцините одиграа клучна улога за време на пандемијата, но тие мораа да се развиваат од нула, а потоа да се ажурираат како што мутираше вирусот.

Како функционира?

Вакцините обично се развиваат врз основа на актуелниот сој на вирусот.

Истражувачи од Кембриџ ги зеле познатите генетски кодови – упатствата за живот – на различни коронавируси што биле снимени од програми за следење на потенцијални вирусни закани.

Овие генетски кодови беа анализирани од вештачка интелигенција. Потоа беше дизајниран „супер-антиген“ кој може да го тренира имунолошкиот систем да обезбеди заштита од целото семејство на вируси – дури и ако тие мутираат или нова инфекција се пренесе од животни на луѓе.

Антигените се клучни компоненти на вакцините бидејќи тие се она што имунолошкиот систем учи да го препознава и напаѓа.

Хини рече дека ова е прв пат антиген дизајниран со употреба на вештачка интелигенција да биде тестиран врз луѓе. Тој додаде дека технологијата „нè изненадува сите“ и дека „е неверојатно што можеме да направиме со нејзина помош во корист на човештвото“.

„Ова е развој на вакцини кои нè штитат не само од денешните вируси, туку и од она што може да предизвика следната епидемија или болест.“

„Ова претставува суштинска промена во начинот на кој се подготвуваме за пандемии“, изјави Хини за Би-би-си.

Професорот Сол Фост, кој спроведе дел од испитувањето на Универзитетот во Саутемптон, рече дека дизајнот базиран на вештачка интелигенција „дефинитивно има потенцијал“ и е „навистина возбудлив“.

„Она што е навистина интересно е што оваа технологија е многу поуспешна во дизајнирањето вакцини за потенцијални пандемии кога вирусите се менуваат“, рече Фост.

Тимот од Кембриџ веќе спроведува студии на животни за универзални сезонски вакцини против грип кои нема да треба да се прилагодуваат секоја година, како и вакцина против птичји грип Х5Н1, во случај вирусот што моментално ги уништува популациите на птици да стане пандемија меѓу луѓето.

Професорот Енди Полард, директор на Оксфордската група за вакцини, не бил вклучен во студијата, но изјави дека пристапот покажал ветувачки резултати во студиите врз животни.

„Ова се фасцинантни податоци и никој не би предвидел дека тие ќе можат да предизвикаат ваков имунолошки одговор“, изјави тој за Би-би-си.

Вистинскиот тест, додава тој, ќе бидат резултатите од испитувањата врз луѓе, бидејќи нашите имунолошки системи се различни од оние на лабораториските глувци и се обликувани од години на различни инфекции.

Полард верува дека вештачката интелигенција ќе биде „пресвртница“ во истражувањето на вакцините и дека алатките базирани на вештачка интелигенција би можеле да предвидат како имунолошкиот систем ќе реагира на вакцината, што значително би го забрзало развојот и би „спасило животи“.

Професорката Маријана Најт, научен директор на Националниот институт за здравје и истражување на здравствената заштита, изјави: „Извонредниот успех на ова испитување на „супер-антиген“ дизајниран со вештачка интелигенција претставува клучен чекор напред во нашата способност да обезбедиме широка и долготрајна заштита од вирусот.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ