Од асоцијацијата наведуваат дека Балкан скајлајн трајл е дизајнирана со едноставна, безкомпромисна логика – да остане колку е можно повисоко, колку е можно подолго. Дури 65% од трасата е над 2.000 метри. Кораб, со своите 2.764 метри како највисок врв во Македонија – го доминира западниот дел со сурова алпска присутност. Делот низ Кораб е оценет како екстремен и не е препорачлив за планинари без искуство на технички алпски терен. Ова е рута која бара подготовка, искуство и почит кон планината.

Балкан скајлајн трајл е осма јавно достапна секција на Самиана – македонската бесконечна трансверзала, долгометражна планинарска рута која со своите 2.070 километри во целост ќе ги поврзе речиси сите македонски планини. Проектот го развива и одржува Асоцијацијата на волонтери-планинари кои веќе неколку години ја оформуваат, мапираат и обележуваат трасата. Со објавувањето на ова секција, Македонија добива уште еден аргумент за да стане сериозна светска планинарска дестинација.

И додека западното крило сѐ уште се дооформува, источното крило на македонската бесконечна трансверзала е веќе комплетно завршено и достапно. Седумтте секции на источното крило, кои го поминуваат целиот централен и источен дел на Македонија , веќе привлекуваат странски планинари кои специјално патуваат во Македонија за да ги изодат. Со објавувањето на Z2, сликата на Самиана како комплетна трансверзала низ целата земја почнува да ја добива својата планирана форма.

Трасата на новата секција Z2 е достапна на sammiana.com со комплетни GPS записи, опис на сегменти и практични информации за планирање. Наменета е исклучиво за искусни планинари со GPS навигациски вештини и искуство во алпски терен.






