петок, 7 ноември 2025

ЕСО: Космички лилјак снимен на време за Ноќта на вештерките (ВИДЕО)

Чуден лилјак е забележан како лета над локацијата Паранал на Европската јужна опсерваторија (ЕСО) во Чиле, токму на време за Ноќта на вештерките, соопшти ЕСО. Благодарение на своето широко видно поле, телескопот за истражување ВЛТ (ВСТ) успеа да го сними овој голем облак од космички гас и прашина, чиј впечатлив изглед наликува на силуета на лилјак.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Овој „космички лилјак“ е оддалечен околу 10.000 светлосни години од нас и лета помеѓу јужните соѕвездија Циркус и Норма. Протегајќи се на површина од небото еквивалентна на големината на четири полни месечини, се чини како да се обидува да ја лови светлечката точка над себе за храна.

Ова маглина е ѕвездена колевка, огромен облак гас и прашина од кој се раѓаат ѕвездите. Новородените ѕвезди во неа ослободуваат доволно енергија за да ги вознемират атомите на водородот околу себе, терајќи ги да светат со интензивна црвена нијанса која се гледа на оваа впечатлива слика.

Темните влакна во маглината изгледаат како скелетот на нашиот космички лилјак. Овие структури се постудени и погусти акумулации на гас од нивната околина, со честички прашина што ја блокираат видливата светлина на ѕвездите зад нив.

Именувани по големиот каталог на светли региони каде што се формираат ѕвезди на јужното небо, најистакнатите облаци овде се РЦВ 94, кој го претставува десното крило на лилјакот, и РЦВ 95, кој го формира телото, додека другите делови од лилјакот немаат официјална ознака.

Оваа фасцинантна ѕвездена колевка е снимена со ВСТ, телескоп во сопственост и под управување на Италијанскиот национален институт за астрофизика (ИНАФ) сместен во опсерваторијата на ЕСО во Паранал, во чилеанската пустина Атакама.

Оваа слика е составена со комбинирање на набљудувања преку различни филтри, транспарентни за различни бои или бранови должини на светлината.

„Осмелете се да погледнете поблиску и дозволете вашата љубопитност да ве следи низ чудата што ве чекаат во темнината. Среќна Ноќ на вештерките!“, се вели во соопштението на опсерваторијата ЕСО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ