среда, 17 јуни 2026

Зајакнување на соработката меѓу македонската и италијанската полиција во борбата против современи безбедносни закани

Унапредување и продлабочување на билатералната соработка меѓу македонската и италијанската полиција, со посебен акцент на заедничкото справување со современите безбедносни предизвици, било тема на разговор на денешната средба во Рим на директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, со генералниот директор на италијанската полиција.

Објавено на

часот

Сподели

Средбата, како што соопшти Министерството за внатрешни работи, се одржала во рамки на проектот EU4FAST и била фокусирана на заеднички приоритети како што се тероризмот, организираниот и транснационалниот криминал, илегалната миграција, киберкриминалот, криминалот поврзан со криптовалути и криптопазари, како и превенцијата од интернет-криминал.

Од МВР информираат дека на состанокот била потврдена подготвеноста за интензивирање на размената на информации, податоци и оперативни искуства поврзани со криминалните активности на поединци и организирани криминални групи, со цел поефикасно откривање, спречување и сузбивање на сите форми на криминал.

Посебен акцент бил ставен и на идните заеднички проекти во областа на обуки, тренинзи, едукација и размена на знаења и добри практики, особено во борбата против тероризмот, киберкриминалот, илегалната миграција и злоупотребите поврзани со криптовалутите, како и на примена на современи аналитички методи и алатки во полициското работење.

Во духот на меѓусебната доверба и партнерство, било потврдено и воспоставување на поцврста институционална рамка на соработка преку подготовка на меморандум или протокол, со јасно дефинирани директни контакт-точки за секоја област од заеднички интерес. Со тоа, како што наведуваат од МВР, ќе се овозможи побрза комуникација и поефикасна координација.

Од МВР додаваат дека била потврдена и подготвеноста за развивање заеднички регионални иницијативи, имајќи предвид дека безбедносните предизвици денес не познаваат граници и бараат координиран и партнерски пристап.

Македонската и италијанската полиција, како што се наведува, остануваат доверливи партнери кои преку соработка придонесуваат за унапредување на националната, регионалната и глобалната безбедност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ