За време на блокадата претставници на Стоп за Вардариште информираа дека по вчерашната средба во МВР со министрите за внатрешни работи, за животна средина, труд и социјална политика, градоначалниците на Аеродром и Гази Баба, претседателот на ЗЕЛС и со претставници на повеќе институции и органи, дека веќе се работи на депонијата за нејзино затворање.
“Тоа ќе биде процес што ќе го следиме. Во Вардариште од вчера е започнато чистење на отпадот, денеска се затворени сите приоди кон депонијата, поставени се камери, присутно е обезбедувањето, забраната за движење е во сила и ќе остане во сила, а ветена е и дислокација на нелегалните жители на друго, соодветно место за живеење”, истакна претставник на Стоп за Вардариште што беше проследено со аплауз.
Од иницијативата оценија дека упорноста и истрајноста на граѓаните организирани на граѓанска основа и без партиски влијанија, по почетниот игнорантски однос на институциите, сепак вроди со активирање на механизмите на државата.
“Ние, граѓаните, ја добивме првата битка за затворање на Вардариште. Од сабота протестите со блокада на сообраќајот се ставаат во мирување, но остануваме будни и ќе се активираме повторно доколку забележиме дека нашите барања во целост не се остваруваат. Заради тоа утре со институциите ќе се потпише меморандум, што ќе биде гаранција дека за барањата има и пишан документ. Народот кога не е партиски организиран, но е упорен за одбрана на своите права, мора да победи”, рече претставник на Стоп за Вардариште.
Протестите спонтано започнаа по големиот пожар во Вардариште од 31 август, кој неколку денови екстремно го загадуваше воздухот особено во Аеродром и Гази Баба, но се чувствуваше и во целиот град. Иницијативата беше формирана на 5 септември и секојдневно ги организираше блокадите со единствена цел, затворање на депонијата која со децении го труе воздухот.
П.Џ.






