Во своето обраќање, Трајков истакна дека европската интеграција претставува многу повеќе од формален процес на усогласување со европското законодавство, туку сеопфатна трансформација на институциите, економијата и општеството.
„Европската иднина на Македонија останува наш стратешки приоритет. Нашата цел е да изградиме модерна, дигитално развиена и конкурентна држава која ќе обезбеди подобри можности за сите граѓани, особено за младите“, истакна Трајков.
Заменик-министерката за европски прашања ја нагласи важноста на академската заедница во процесот на европска интеграција и ја поздрави улогата на универзитетите во промовирањето на европските вредности, критичката мисла и научно-истражувачката работа.
На конференцијата учествуваат истакнати професори, истражувачи и експерти од земјата и регионот кои ќе дискутираат за европските интеграции, владеењето на правото, дигиталната трансформација, образованието и економскиот развој на Западен Балкан.






