Како пример, нашиот извор ги посочува локалните избори во 2013 година кога д-р Владо Кочоски ги загуби изборите за неколку стотини гласови токму во избирачките места во кои претежно живеат Македонци муслимани иако во првиот круг, д-р Кочоски победи во првиот круг пред кандидатот на ДПА, Зијадин Села, кој подоцна стана градоначалник на Струга токму со гласовите на Македонците муслимани. Тогаш, Кочоски беше заеднички кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, а и двете партии поддржаа заедничка листа на советници.
Изборот на градоначалник на Струга не е волја на граѓаните
„Шансите на локалните избори да победи кандидат Македонец се мали затоа што главниот проблем во Струга се избирачките места во кои живеат Македонците од муслиманска вероисповед особено оние во селото Лабуништа, каде што статистиката и искуството покажуваат дека овие граѓани секогаш гласаат за кандидатот кој е од муслиманска вероисповед“, велат партиски извори за МКД.мк.
Партиите на Албанците во Македонија тогаш, заедничкиот настап на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го окарактеризираа како нова етничка поделба и газење на демократијата. И тука веќе гласот на стружани замолкна. Заиграа политичките ороводци кои се испазарија кој во следните четири години ќе го води орото во Струга.
„Моето кандидирање е израз на надежта на граѓаните на Струга во промени на подобро, без оглед на етничка, верска и политичка припадност. Бев и сум против продолжените рокови за кандидатури изгласани во Собранието на РМ. Така се газат Уставот и законите. Ако овие избори се споредат со претходните во 2009, јасно е дека во Струга градоначалникот треба да е Албанец. ДПА беше конструктивна и во Струга владееше кандидатот на ДУИ. Во Кичево сега ние не кандидиравме личност за градоначалник , туку оставивме таму да победи ДУИ. Значи ДУИ е на потег“, изјави во 2013 година Зијадин Села кој подоцна и стана градоначалник на Струга токму со гласовите на Македонците муслимани.
Тогаш не помогна ниту апелот на Светскиот Македонски Конгрес (СМК) кој ги повика граѓаните на општина Струга, независно од етничкото потекло и верското уверување, на прегласувањето на локалните избори на 21 април 2013 година на трите избирачки места во градот Струга и на гласачките места во селата Октиси, Подгорци и Бороец, да гласаат за доктор Владимир Кочоски за градоначалник на општина Струга.
„СМК ги повикува сите Македонци по потекло, муслимани и христијани по вероисповед, со право на глас во гласачките места во Струга каде што се прегласува, на 21 април да гласаат за доктор Владимир Кочоски за градоначалник на општина Струга. СМК апелира до Македонците по потекло, муслимани по вероисповед, да не гласаат за кандидатот на ДПА Зијадин Села, кој од Струга сака да создаде град на Албанците и декларира дека Струга била, е и ќе биде албанска“, повикаа тогаш од СМК.
Според официјалните податоци на Државната изборна комисија (ДИК) Зијадин Села од Демократската партија на Албанците во вториот круг освои 20.770 или 57.3 отсто од гласовите, а неговиот противкандидат, д-р Владимир Кочоски од коалицијата „Заедно за Струга“ освои 15.276 или 42.15 отсто од гласовите на стружани. Инаку во вториот изборен круг, во 2013 година, во Струга гласале 36.245 граѓани, а од нив 36.046 гласачки ливчиња биле важечки, а 199 биле прогласени за неважечки.
Македонец во Струга може да победи, ама нема Македонец да го поддржи
Дванаесет години подоцна локалната предизборна слика на Струга е променета. Сега двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и не кријат дека Македонец, кандидат за градоначалник на Струга нема да има. Покрај на ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи и некои од кандидатите за градоначалници од Вреди уште во првиот круг на локалните избори, најави неодамна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Христијан Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ќе одат со посебни советнички листи, а во оние општини кадешто ќе одлучат заеднички да поддржат кандидат, едните или другите нема да истакнуваат свој кандидат. Истиот принцип ВМРО-ДПМНЕ ќе го има и со Вреди. Што се однесува до колицијата Вреди, очекувам уште во првиот круг да ги поддржиме кандидатите на оваа коалиција“, изјави Мицкоски.
Откако бизнисменот Менди Ќура ја најави својата кандидатура како независен кандидат, речи си извесно е дека и официјално тој ќе биде поддржан од коалицијата Вреди и од ВМРО-ДПМНЕ, а не е исклучена и поддршката од членови на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и од двете фракции на Алтернативата за Албанците. Ќура е познат токму како еден од основачите и главните поддржувачи на Алтернативата за Албанците, а бил тесно поврзан со поранешниот лидер на ДПА, Арбен Џафери, партијата со која Зијадин Села го освои градоначалничкиот мандат во 2013 година.
Претходно и СДСМ најавија дека нема да имаат свои кандидати за градоначлници во општините во кои мнозинство од населението се Албанци, па станува извесно дека таму главната битка во нив ќе ја бијат кандидатите од Европскиот фронт и Вреди.
„СДСМ на претстојните локални избори ќе настапи со постојната коалиција, а за вториот круг можни се коалиции со партии од албанскиот блок“, најави неодамна лидерот на партијата Венко Филипче.
А, не дека Македонец за кандидат нема. Стружанецот Роберт Милески кој долги години живее и работи во Германија најави дека ќе биде единствениот Македонец кој ќе се кандидира за градоначалник на Општина Струга и побара поддршка од сите граѓани без разлика на етничката припадност. Сепак неговата желба не наиде на безусловна поддршка, па така пред две недели, Милески информираше дека е нападнат од група граѓани во својот роден град Струга, само затоа што имаа амбиции да биде единствениот Македонец независен кандидат за градоначалник на оваа општина.
Според Пописот од 2021 година во Општина Струга постојано живеат (рездентно население) 50.980 граѓани. Од нив 14.900 се изјасниле како Македонци, 25.785 како Албанци, а останатиот дел се изјаснил различно од овие две националности. На 23 август започна увидот во Избирачкиот список по што точно ќе се знае колку точно запишани избирачи има во Општина Струга.
И.О.






