недела, 17 мај 2026

„Зелен хуман град“ бара вонреден инспекциски надзор за ДУП-от кај Холидеј Ин, следува иницијатива пред Уставен

Објавено на

часот

Сподели

Претставката, како што изјави Драгана Велковска од „Зелен хуман град“, се темели на стручните аргументи кои беа во елаборатите за суспензија изработени од стручните служби на Општина Центар. Изработена е од нивниот стручен тим од урбанисти, експрети и правници, врз основа на законските прекршувања кои произлегуваа од тие стручни аргументи.

Според Велковска, претставката против монструозните градби кај Холидеј Ин ја поднесуваат многу граѓани. Таа појасни дека е прекршен членот 35, став 5 од Законот за урбанистичко планирање, со тоа што, како што додава, се дозволува да се применува детален урбанистички план, кој е спротивен на генералниот урбанистички план.

Велковска рече дека самото прекршување на Законот за урбанистичко планирање претставува прекршување на Законот за градење, односно на неговиот член 3, каде што, како што вели, е потребно неопходно да се исполнат услови од сите останати прописи за градбата која се планира да се гради, да биде во рамки на законите.

„Не смееме да дозволиме урбаната мафија да го уништи Скопје, да ни го уништи квалитетот на живот, бидејќи нивниот профит не е поважен од нашите животи. Од таа причина ги повикуваме сите скопјани, сите жители на овој град да се приклучат на оваа акција, да не дозволат мафијата да си го истера своето“, изјави Велковска.

Таа додава дека претставката во Инспекцискиот совет ја поднесуваат во физичка копија, додека електронски ќе ја поднесат до сите три институции, а потоа ќе следува и иницијатива пред Уставниот суд.

„Она што не успеаја да го испорачаат градоначалникот на Општина Центар, што не успеа да го испорача Министерството за транспорт и врски, наводните експерти во Комисијата при Министерството, граѓаните ќе го испорачаат сега, што покажува дека тие луѓе кои се на функција не работат во наш интерес, работат за нечии туѓи интереси и тоа мора да се спречи“, истакна Велковска.

Еко-активистот Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“ денеска по поднесувањето на претставката посочи дека наместо да се издигнат овие кули, може да се изнајдат и други решенија за да се реши проблемот на луѓето кои живеат близу паркингот.

„Знаеме дека на таа парцела блиску до паркингот кај ‘Холидеј Ин‘ има луѓе кои живеат во супстандардни услови. Има места каде што едноставно не е целосно решена инфраструктурата, и ја разбираме и нивната фрустрација која што тие сакаат да ја решат на тој предел. Но, понудата од Општината каде што се вели дека единственото решение е да се издигнат овие кули за да се реши проблемот на тие граѓани воопшто не го прифаќаме“, истакна Јовановски.

Според него, може да се изнајдат и други начини и решенија да се компензираат тие граѓани, да се релоцираат на други места или да им се помогне со сегашната инфраструктура, без да се загрози здравјето на останатите жители, не само на Центар туку и на цел град Скопје.

Претставка денеска во архивата на Инспекцискиот совет покрај оваа граѓанска иницијатива, поднесоа и граѓани.

Светлана Карвевска, жител на Општина Центар, која е и дел од иницијативата „Здравје пред профит“ по предавањето на претставката рече дека очекува во најмала рака да се крене уште повеќе свеста кај луѓето да се изборат за еден здрав хуман простор.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ