И во оваа населба, како и во другите делови на нашата општина, иако е претежно составена од куќи, не е имуна на градежното дивеење. Жители на населбата велат дека инвеститори не се откажуваат и од пробивањето на патот кон т.н. „Плацевите на Водно“ и подигнување на нови објекти во тоа подрачје иако тој ќе одземе делови од нивните дворови. Општината и покрај ветувањата дека нема да дозволи такви градби не ги запира процесите.
Водњанци велат дека зголемувањето на бројот на жители со новите повеќекатни објекти го зголеми и бројот на автомобили за кои пак во населбата нема решение. Улиците сѐ повеќе се затрупани од возила. Старите гаражи не се димензионирани за новите возила.
Последните години, улицата „Питу Гули“ се претвора во прометна сообраќајница преку која возачите се обидуваат да го избегнат метежот од строгиот центар на градот, креирајќи ново „тесно грло“ кое е небезбедно, загадувачко и бучно.
Шанса за Центар се залага сите улици кои спаѓаат во надлежност на Општина Центар да бидат ограничени со брзина од 20 и 30 км/ч и покрај училиштата, градинките и игралиштата да се постават инфраструктурни бариери како лежечки полицајци и сигнализација за ограничување на брзината на возењето.
Членовите на Шанса за Центар ветуваат дека општината ќе ја претворат во сервис на граѓаните, постојано достапна и навремено посветена за да ги решава нивните проблеми.






