недела, 17 мај 2026

Презентиран скопскиот трамвај на тркала (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

„Со воведувањето на БРТ-системот, Скопје ќе стане првиот град на Балканот што ќе го имплементира ова модерно, економично и еколошки ефикасно сообраќајно решение. БРТ-системот е еден од клучните проекти во соработка со ЕБРД како дел од акцискиот план за зелен град, и значително ќе влијае на одржливата урбана мобилност и урбаниот развој на Скопје, како и на генералното унапредување на квалитетот на животот на жителите на главниот град“, велат од Град Скопје.

Според планот, ќе има две линии со коридори наменети исклучиво за брзите автобуси, по кои ќе се движат на хибриден погон, на гас и електрична енергија. Капацитетот ќе биде за 65 000 патници дневно, а со трамвајот на тркала треба да се скрати времето за патување од едниот до другиот крај на Скопје, од сегашните 70, на 30-ина минути.

Наплатата, односно валидацијата на билетите ќе се врши на самата станица што, како што беше посочено на денешната презентација, ќе овозможи колку што е можно пократко задржување на возилата на брзиот автобуски систем на станиците за влез и излез на патниците.

Делницата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, од крај до крај, треба се поминува за околу 30 минути, а меѓу станиците се постигнува брзина на движење од 50 километри на час.

„Скопје има сериозен проблем во сообраќајниот систем – недостасува брз, висококапацитативен и еколошки превоз кој ќе биде привлечен за граѓаните. Системот за брз автобуски превоз е нов тип јавен градски превоз, со физички издвоена траса за автобусите, со станици од затворен тип, со приоритет на сигнализираните раскрсници, АВЛ и информации за патниците во реално време, како и со паметни билети. Според меѓународната методологија за рангирање на брзите автобуски системи овој систем е бодиран како сребрен стандард – меѓу највисоките стандарди. Во Европа таков систем има уште во Руен, Франција и во предградие на Париз“, рече професорот Никола Крстаноски од Техничкиот факултет во Битола на денешната презентација.

Професорот дополни дека физичката издвоеност на трасата во 82% од вкупната должина е со зелен појас, што, како што рече, е најквалитетен начин на издвојување. Во централниот дел – околу 400 метри, е пешачка зона во која се допуштени само возила на БРТ, а има и неколку кратки делници како улиците „11 Октомври“, ВМРО и „Кочо Рацин“, каде што не е можно одвојување со зелен појас, туку со сепаратори.

Генералниот менаџер на израелската компанија „РОМ транспортејшн“, Моше Хирш, во своето обраќање пред присутните рече дека нивната мисија е БРТ-системот целосно да се интегрира со постојниот автобуски систем кој е стар и треба да се реструктурира.

„Ќе направиме студии за да видиме што им треба на граѓаните на Скопје, каде живеат, каде сакаат да патуваат, во кој временски период и како. Станиците на автобусите од постојниот автобуски превоз и станиците на БРТ ќе бидат најблиску што може. Со воведувањето на БРТ, ќе се подобри услугата и на сегашниот автобуски систем со поголем број автобуси што ќе циркулираат“, рече  Хирш.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ