Анализирани биле вкупно 13 случаи од јавни и приватни здравствени установи, меѓу кои Клиниката за кардиологија, Кардиохирургија, ГОБ „8 Септември“, клиниката „Жан Митрев“, „Аџибадем Систина“ и други установи.
Министерот за здравство Арбен Алиу, на конференција за медиумите соопшти дека кај четири пациенти странските експерти утврдиле дека третманот бил „медицински соодветен, навремен и во согласност со прифатените стандарди на клиничка пракса“. Кај останатите случаи биле забележани можни недостатоци и несогласувања во дијагностичката евалуација и медицинската документација, односно во фазата пред евентуалните интервенции.
Токму дијагностиката и проценката пред интервенциите се покажуваат како клучниот сегмент што го анализирале странските експерти, а не самото извршување операции без причина, како што првично се тврдеше во јавноста.
Според документацијата во која увид имал Вечер.мк, дел од случаите што биле предмет на анализа се однесуваат на пациенти третирани пред 16, 18, па дури и 24 години.
Во дел од случаите, пациентите воопшто не биле оперирани, додека кај други интервенциите биле направени по претходни испитувања, упати и проценки од повеќе здравствени институции. Порталот објави дека од осумте случаи кои биле предмет на сомнеж, тројца пациенти воопшто не биле подложени на операција. Кај дел од пациентите, според документацијата, интервенциите биле извршени по претходни препораки и консултации, вклучително и со странски медицински центри.
Дополнително, според информациите објавени од порталот, пациентите кои биле оперирани и денес се живи и во стабилна здравствена состојба и покрај тоа што од интервенциите поминале повеќе години или децении.
Случајот отвори сериозна дебата во јавноста за функционирањето на здравствениот систем, особено за начинот на дијагностицирање, упатување и носење одлуки за кардиолошки интервенции.
Во извештајот на странските експерти, како што беше соопштено, се посочуваат можни пропусти во документацијата, различни толкувања на ангиографските наоди и несогласувања меѓу дијагностичките извештаи, но не и директна констатација за системско вршење непотребни операции.
По анализата на странските експерти, во официјалните информации презентирани од Министерството за здравство, не беше наведено дека се потврдени тврдењата на поединци дека се вршеле операции без никаква здравствена оправданост. Наместо тоа, акцентот беше ставен на можни слабости во дијагностичките процедури, документацијата и проценките пред интервенциите.
По објавувањето на наодите, се очекува институциите целосно да ги објават заклучоците и деталите од анализите, со цел да се расчистат сите дилеми и да се врати довербата во здравствениот систем.






