„Фирмата Мастеф ДООЕЛ, Скопје, блиска до власта, добила дури 93 тендери. Вкупната вредност? Над 18,3 милиони евра. Народни пари. Најголеми суми се реализирани во Скопје, каде е и последниот тендер за Луна парк, истата фирма. Кога Орце ветуваше чистење на градот очигледно мислел на џебовите на граѓаните, бидејќи ѓубрето стои. Пари се чистат на големо. Државата тоне во долгови. Граѓаните едвај преживуваат. Скопје е во хаос. А власта дели милиони на омилените фирми“, рече Фрчкоси на денешната прес конференција.
Фрчкоски праша „до кога Јавното обвинителство ќе молчи или чека обвинителот насоки по телефон од премиерот Мицкоски“.
„Колку скандали треба да објави АКТ на СДСМ за конечно институциите да почнат да работат? СДСМ нема да молчи. Ќе продолжиме да ги разобличуваме сите криминални шеми на ВМРО-ОКГ. Секој тендер. Секоја фирма. Секој милион народни пари. Доаѓа време на одговорност, правда и вистина“, рече Фрчкоски.
Веднаш возврати ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека фирмата Мастеф била една од најомилени фирми на поранешни градоначалници на СДСМ.
„Во 2018 година Мастеф добива седум тендери во вредност од 9.569.788 денари од општина Карпош, во 2019 година пет тендери од општините Карпош и Аеродром во вредност од 10.320.508 денари. Во 2020 се приклучува и општина Кисела Вода во доделувањето тендери на истава фирма која од веќе постојаните Аеродром и Карпош, добила вкупно осум тендери во вредност од 50.265.142 денари. Додека во 2021 година овие три општини под раководство на кадрите на СДС на фирмата Мастеф им доделиле шест тендери во вкупна вредност од 47.100.000 денари. Кога веќе се обидува нешто да прави таканаречениот антикорупциски тим на СДС, добро би било да го прошири опсегот на анализа, па нека испита и нека ги наброи бројот на тендери и нивната вредност коишто ги добила оваа фирма од институциите раководена од нивните партиски кадри“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека тендерите кои ги добила фирмата Мастеф се доделени согласно закон и избрани се најповолните понуди како што предвидува законот.






