„Градежното лудило не престанува во Карпош, се градат згради од крај до крај на градежни парцели каде претходно биле бараки или куќи. И после 4 години од носење на Законот за урбано зеленило, тој не се применува, на парцелите нема 20% зеленило, зошто плановите се донесени пред законот да стапи на сила во јануари 2018.

Градоначалникот Стефан Богоев предизборно вети ревизија на сите детални урбанистички планови, но тоа не го направи, иако свесен за разорните ефекти на овие ДУП-ови, кои ги уништуваат темелните вредности на уставниот поредок, хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како јавен интерес и ги газат законските одредби на еколошка одржливост на човечките населби и задолжително штитење на јавниот интерес кој е приоритетен, пред приватниот.
Градежната инспекција како да не постои, а на терен се кршат закони на очиглед на сите, но општината не реагира.

Кандидирањето за советници во Општина Карпош е поттикнато токму од овие причини. Да се избориме за нови урбанистички планови каде наместо дехуманизација, ќе видиме хуманизација на просторот, каде јавниот интерес ќе биде приоритет, со соодветен сооднос помеѓу градби и зеленило, потребни паркови, тротоари според стандарди, вело патеки, градинки, училишта. Да обезбедиме транспарентност и учество на граѓаните од самиот почеток на планирање на овие ДУПови. Да ги бараме потребните анализи и податоци врз чија основа треба да се изработат овие планови. Да ставиме СТОП на приватниот интерес над јавниот“, соопштија Независни за Карпош.






