четврток, 21 мај 2026

СДСМ ќе поднесе кривична пријава и интерпелација против Гаши

Претседателот на Собранието, Африм Гаши закажува состанок на Комисијата за финансирање и буџет, комисија којашто ја води пратеничка Сања Лукаревска од СДСМ, и покрај тоа што таа е тука и не е отсутна, а Деловникот тоа не го дозволува, изјави денеска пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче најави дека против Гаши ќе биде поднесена кривична пријава и ќе биде покрената интерпелација за неговата работа бидејќи го крши Деловникот на Собранието.

Објавено на

часот

Сподели

„Тој закажува состанок на Комисијата за финансирање и буџет, комисија којашто ја води нашата пратеничка Сања Лукаревска, и покрај тоа што таа е тука и не е отсутна, а Деловникот тоа не го дозволува кога пратеникот е тука, тој задолжува друг пратеник да ја води оваа комисија. Имајќи предвид дека ова е веќе пракса на претседателот на Собранието Африм, најавуваме дека ќе поднесеме кривична пријава и интерпелација“, рече Филипче.

Тој најави дека СДСМ нема учествува во работата на комисијата, во како што рече, бруталното, секојдневно задолжување на земјава за огромни суми стотици милиони евра, милијарди евра, пари коишто не одат никаде освен строго контролирано во партиските фирми преку тендерските постапки.

„Нашата пратеничка група нема да учествува во ова брутално, секојдневно задолжување на земјава за огромни суми. Секојдневно гледаме како Владата ја турка земјава во должничко ропство. Последниот предлог да се земат 300 милиони евра од банки, кои на Владата не и ги дозволија, што укажува на веќе сомнеж во нашиот кредитен рејтинг. Имено, конзорциум на банки дозволија кредит од само 260 милиони евра, со ужасно голема каматна стапка од близу 4,5 проценти“, рече Филипче.

Тој додаде дека „вкупната сума на пари којашто оваа Влада ја должи на компаниите за поврат на ДДВ изнесува околу 200 милиони евра”.

Според него, опасно се зголемува вкупниот долг.

„За две милијарди евра за само две години е зголемено задолжувањето на земјава, пари коишто ќе ги враќаат следните генерации. Вкупниот долг, којшто беше 8,5 милијарди евра во 2024 година, сега е близу 11 милијарди евра. Се поставува прашањето, има ли оваа власт компас? Има ли идеја? Има ли визија на каде и како ја води државата? Нашата пратеничка група нема да учествува во ова брутално, секојдневно задолжување на земјава за огромни суми стотици милиони евра, милијарди евра пари коишто не одат никаде освен строго контролирано во партиските фирми преку тендерските постапки“, нагласи Филипче.

На новинарско прашање, тој одговори дека сите земји во регионот ниту имаат ист капацитет, ниту исто сработуваат.

„Ако ние имаме простор да заработиме над 200 милиони евра да добиеме од Европската Унија, а сме добиле само 60, воопшто не е битно дали некоја друга земја има повеќе или помалку од нас. Ете, тоа е суштината. Во 2024 година завршени се само близу 50 отсто од реформите. Во првата половина на 2025  година 25 отсто од реформите, во втората половина, заклучно со декември 2025 година,само 16 отсто од реформите. Наместо 134 милиони евра плус 60 од незавршени обврски од 2024, сега ние да ги добиеме, ние добиваме само 65“, рече Филипче.

Тој смета дека сега, кога Европската Унија ги прави следните буџети, коишто се прават за седумгодишни периоди, „можно е воопшто не влеземе во новото буџетирање на Европската Унија, што е дефинитивен знак дека тие веќе на нас не сметаат“.

„Ќе го пропуштиме и последниот воз“, истакна Филипче.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ