вторник, 21 јули 2026

Шестмина повредени, повеќе од 1.000 повици на 112 по невремето во Скопје, Куманово, Штип, Кочани, Дојран

Силното невреме проследено со пороен дожд, олуен ветер и грмежи што попладнево ја зафати земјава зад себе остави повредени лица, откорнати покриви, стотици паднати дрвја, оштетени возила и блокирани улици. Најтешко погодено е Скопје, каде само преку бројот за итни повици 112 се регистрирани повеќе од 1.000 повици од граѓани. Најтешко погодено е Скопје, каде силниот ветер откорна покриви од училишта и згради, оштети десетици возила и блокира улици. Невремето направи штети и во Куманово, Штип, Кочани и Виница, додека Стар Дојран синоќа остана зад себе со големи материјални последици.

Објавено на

часот

Сподели

Шест лица повредени во невремето биле примени во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Според директорот д-р Небојша Настов, сите се здобиле со посекотини и набиеници и се третирани амбулантски.

Тројца пациенти по прегледот биле пуштени на домашно лекување, додека тројца биле под дополнителни испитувања, но сите се во стабилна состојба.

„Сите се во стабилна состојба. Првично не оддаваат впечаток дека ќе бидат задржани на натамошно лекување. Еден пациент е повреден при пад на дрво и го закачиле гранките, еден е повреден од лим кој паднал од некој покрив, а еден е повредени од паднати керамиди“, изјави д-р Настов за МИА.

Поројниот дожд и силниот ветер предизвикаа хаос низ главниот град. Паднати дрвја и покривни конструкции оштетија автомобили, беа соборени семафори, а дел од улиците останаа непроодни.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека Кризниот штаб на Град Скопје е целосно мобилизиран и дека сите јавни претпријатија и служби се на терен.

Според информациите од Центарот за управување со кризи, пријавени се, падната кровна конструкција од зграда на улицата „Женевска“, при што се оштетени повеќе автомобили, паднато дрво врз возило на улицата „Методија Митевски“, паднати дрвја на улиците „Никола Тримпаре“, „Хелсинки“ и „Скупи“, каде биле оштетени електрични кабли, куќа и возило, откорната кровна конструкција на ООУ „Владо Тасевски“, падната кровна конструкција и на улицата „Трифун Бузев“.

Во Општина Гази Баба силниот ветер го откорнал покривот на основното училиште „Наум Наумовски Борче“, а пријавени се и голем број паднати дрвја.

Градоначалникот Бобан Стефковски информира дека веднаш е активиран Кризниот штаб и формирани се интервентни тимови кои се во постојана координација со Центарот за управување со кризи, МВР, ЕВН и Противпожарната бригада.

„Веднаш штом се создадат услови ќе се излезе на терен и ќе се делува“, најави Стефковски.

Во Карпош сите расположливи служби се на терен по бројните пријави за паднати дрвја и откорнати кровови.

Градоначалникот Сотир Лукровски соопшти дека засега нема информации за повредени лица и упати апел граѓаните, доколку можат безбедно, да помогнат во расчистувањето на паднатите гранки.

„Има јавувања од граѓани кои сакааат да помогнат. Засега апелирам граѓаните да излезат на улиците и да делуваат локално за отстранување на паднатите гранки“, информираше Лукровски.

Како што информира општинската прес-служба, формирана е дежурна интервентна екипа, која е постојано на терен и активно ја следи состојбата на територијата на општината, со цел навремена реакција.

„И покрај постојаното присуство на екипите на терен, сите граѓани кои ќе забележат потреба од брза интервенција можат да пријават на телефонскиот број 071/322-790 При пријавувањето, ве молиме наведете ја точната локација и краток опис на проблемот, со цел интервентните екипи да можат да реагираат што е можно побрзо и поефикасно“, се наведува во објавата на општината.

Во Општина Центар веднаш бил свикан Кризниот штаб, а сите расположливи служби започнале со расчистување на штетите.

Најкритична е состојбата во населбите Капиштец, Дебар Маало и Буњаковец, каде што екипите интервенираат на повеќе локации за отстранување паднати дрвја и оштетени покриви.

Градоначалникот Горан Герасимовски изјави дека сите служби работат без прекин, а во расчистувањето се вклучиле и голем број граѓани.

„Работиме интензивно и сите сме ангажирани за да се справиме со последиците од ова страшно невреме“, изјави Герасимовски.

Во акцијата се приклучиле и граѓани кои самоиницијативно помогнале во расчистувањето на критичните точки, со што дополнително придонеле за побрзо нормализирање на состојбата.

Невреме проследено со силен ветер и дожд попладнево го зафати Куманово, при што беа соборени дрвја и бандери, а откорнати се и покривни конструкции на неколку локации. Екипи на јавните претпријатија и Територијалната противпожарна единица се на терен и работат на расчистување на последиците.

Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Сашо Томиќ, изјави дека сите расположливи екипи се мобилизирани.

„Екипите веќе се на терен, мобилизирани се не само од ‘Чистота и Зеленило’, туку и од другите јавни претпријатија“, изјави Томиќ.

Командирот на Територијалната противпожарна единица Куманово, Борис Станковски, информираше дека пожарникарите интервенираат на отстранување на откорнати покривни конструкции на булеварот „Октомвриска револуција“, во централното градско подрачје и на уште една локација.

Интервенции има и екипите на ЈП „Водовод“. Директорот Игор Липковски изјави дека нивните служби постапуваат на булеварот „Октомвриска револуција“, на улицата „Никола Тесла“, како и на уште неколку локации низ градот.

Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски информираше дека екипите на јавните комунални претпријатија и ТППЕ се на терен за санирање на последиците од невремето.

„Доколку на кој било граѓанин на Куманово му е потребна помош за санирање на последиците од невремето да пријават кај овластено лице од општината на телефонски број 071/ 338-034 За итни интервенции на дежурниот телефон на ТППЕ Куманово 193“, повика Димитриевски.

Невремето со дожд и силен ветер го зафати и Штип.

Градоначалникот Иван Јорданов за МИА вели дека досега се пристигнат околу десет пријави од страна на граѓани за паднати дрвја, сообраќајни знаци и лимови од кровни конструкции.

Јорданов информира и дека екипите на штипските Јавни претпријатија и пожарникарите од ТППЕ-Штип се на терен и ги санираат штетите од невремето со дожд и силниот ветар. Пријави за паднати дрвја, како и на лимови од кровни конструкции има од повеќе населби и низ централното градско подрачје.

Силниот урагански ветар однесе дел од кровната конструкција на штипската Клиничка болница. Поради паднатиот лим од кровната конструкција дел од пациентите од одделението за ортопедија се преместени на другите одделенија во болницата. Билјана Ефтимова заменик директор на Клиничка болница-Штип вели дека одделенијата ортопедија и единицата за интензивна нега сега функционираат со намален интензитет.

„Пациентите се сместени во делот каде што е суво, каде што нема протекување. Значи, во текот на ноќта ќе видиме, ќе ги префрлиме дел од пациентите на други одделенија со цел да бидат заштитени, да не настанат некои накнадни дождови со кои би се пореметило функционирањето. Некаде околу 15 до 20 пациенти се, бидејќи тоа не е целиот дел од ортопедското одделение и операционата сала на ортопедија. Но, бидејќи имаме и други операциони сали, ќе се адаптира, ќе се прилагодиме за да ги пружиме навреме нашите медицински услуги за населението овде“, изјави Ефтимова.

Јорданов вечерва информираше и дека невремето со дожд и силен ветар направи штети и на други институции и домовите на граѓаните. Некои од улиците немаат струја.

„​На терен работат сите екипи на јавните претпријатија „Стипион“, „Исар“, Територијалната противпожарна единица. Во комуникација со СВР Штип се расчистуваат сите сообраќајници. Од она кое што можевме да го добиеме како повратна информација на самиот кризен штаб, морам да констатирам дека е предизвикана материјална штета на приватни имоти, на институцииИмаме доста случаи евидентирано во повеќе населби на паднати дрвја, гранки, кровни конструкции, оштетени возила.​Сето она кое што и во моментов го работат екипите како комисија од страна на Општина Штип која ќе ги евидентира сите настанати штети, оваа прилика ја користам да ги повикам сите граѓани да пријават одредена промена промена која е настаната поради невремето или оштетување на нивниот приватен имот, за да имаме точни податоци за состојбата на територија на Општина Штип“, изјави Јорданов.

Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсовски вечерва изјави дека на терен се 60 вработени и работат на расчистување на штетите.

„Јавното претпријатие Исар е на терен со скоро 60 вработени лица и со целата тешка механизација којашто ја поседуваме. Приоритет ни беше да се оспособат сообраќајниците. Го оспособивме влезот на Клиничката болница, имавме паднато дрво на Филтер станицата каде што, нели, се снабдува целиот град со вода. Согласно приоритетите и насоките коишто ги добиваме од Кризниот штаб веќе интервенираме и можам да кажам дека скоро сите сообраќајници се проодни“, вели Арсовски.

​Тој очекува за час до два сите сообраќајници да бидат ставени во функција.

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека околу 18 часот силното невреме со олуен ветер, пороен дожд и грмежи ги зафатило Штип и Кочани, а атмосферскиот систем се движел кон Виница.

Силно невреме проследено со обилни врнежи, град и силен ветер го погоди Стар Дојран доцна синоќа.

Десетици повеќегодишни дрвја биле откорнати на повеќе локации, при што беа оштетени настрешници, урбана опрема на плажите, неколку возила и покрив на дуќан на градскиот пазар.

Паднати дрвја имало во градскиот парк, на шеталиштето, кај хотелот „Романтик“, пицеријата „Вавилон“ и долж главниот пат, кој извесен период беше прооден само по една сообраќајна лента. Поради безбедносни причини неколку часа беше прекинато и снабдувањето со електрична енергија.

Градоначалникот Илија Тентов информираше дека нема повредени лица, но дека е причинета значителна материјална штета. Доброволното противпожарно друштво, екипите на ЕВН и граѓани доброволци работеа во текот на целата ноќ на расчистување на последиците.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ