среда, 27 мај 2026

Клариќ-Кимовска на светската винска сцена, единствен судија од Македонија на Декантер 2026

Јадранка Клариќ-Кимовска, вински експерт, сопственичка на винскиот бар Wine Berry и основач на Wine Escape, годинава беше дел од судискиот тим на Decanter World Wine Awards 2026 (Светски вински награди Декантер), како единствениот претставник од Македонија меѓу судиите на годинешното издание.

Објавено на

часот

Сподели

Decanter World Wine Awards важи за еден од најпрестижните, највлијателните и најрелевантни вински натпревари во светот. На годинашното издание беа оценувани повеќе од 17.000 вина од 57 земји, од страна на 245 вински судии, меѓу кои и 36 новоизбрани членови. Вината се оценуваат преку blind tasting, процес што обезбедува целосно објективно оценување, без судиите да знаат кое вино го дегустираат. При оценувањето се земаат предвид квалитетот, балансот, комплексноста, типичноста на сортата и регионот, како и потенцијалот за развој.

Како вински професионалец и долгогодишен оценувач на вина на меѓународни натпревари, меѓу кои Mundus Vini, Concours Mondial de Bruxelles, Open Balkan и Balkan Wine International Competition, Јадранка Клариќ-Кимовска годинава за првпат во својата кариера имаше можност да биде дел од судискиот тим на Decanter World Wine Awards (DWWA) 2026. Ова претставува значајно признание не само за неа лично, туку и за македонската винска сцена. Нејзиното учество како судија е потврда за експертизата, професионалниот кредибилитет и меѓународното искуство што ги има изградено низ годините.

„Да се биде дел од ваков процес е исклучителна чест и голема одговорност. Ова е можност не само да се учи од најдобрите светски професионалци, туку и да се даде свој придонес во процес што поставува глобални стандарди во винската индустрија. Особено ми е драго што Македонија има свој претставник на вакво ниво“, изјави Клариќ-Кимовска.

Учеството на Клариќ-Кимовска има значење и пошироко од личниот професионален успех, особено во период кога македонските вина бележат сè поголема меѓународна препознатливост, а признанијата од вакви натпревари значително придонесуваат за нивната промоција и позиционирање на странските пазари.

Преку Wine Berry, како и преку Wine Escape, концепт посветен на вински тури и автентични вински искуства низ Македонија, Клариќ-Кимовска континуирано работи на развој и промоција на винската култура, како и на афирмација на Македонија како винска дестинација со сериозен потенцијал на меѓународната сцена.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ