Од Судот во Гевгелија за МКД.мк поврдија дека е постапено по донесената пресуда од Апелацискиот суд во Скопје и дека упатен акт и пресуди се испратени до полицијата и до затворот во Идризово.
„Вчера по мејл ни беше доставена пресудата која што Апелацискиот суд во Скопје ја потврди. Ваквиот начин на комуникација е поради пандемијата. Веднаш е формиран предмет од судијата за извршување на санкции и постапено е. Известени се од Полициската станица во Гевгелија од каде треба понатаму да го спроведат актот, но кога тоа ќе биде не би можеле да кажеме”, изјави за МКД.мк судијката Злата Попова од Судот во Гевгелија.
Точното време кога полицијата ќе постапи и ќе ја спроведе Јанева во затвор не е потврдено.
Од затворот во Идризово ни рекоа дека доколку МВР ја спроведе осудената Јанева, тие ќе ја прифатат и ќе биде сместена во приемниот дел на затворот.
Во овој дел на затворот во Идризово Јанева може да остане најмногу до 30 дена, но кога ќе биде префрлена во женскиот дел ќе одлучат одговорните служби од затворот.
Вчера од Истражниот затвор во Шутка во затворот во Идризово беше спроведен и Бојан Јовановски. Ова следи откако Апелацискиот суд во Скопје ги потврди затворските казни за „Рекет“ по што пресудата е правосилна. Боки 13 правосилно е осуден на 9 години затвор, а поранешната специјална обвинителка Јанева на 7.
К.Д.






