„Претседателот Пендаровски изрази очекување дека ќе продолжи политиката на проширување на Европската Унија кон Западен Балкан, истакнувајќи дека случајот на Северна Македонија е тест за кредибилноста на процесот. Во тој контекст, претседателот Пендаровски истакна дека очекува Шведска да вложи натамошни напори за задржување на прашањето на проширувањето на агендата на Унијата, како и да го поддржи ставот дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за интегративниот процес“, соопшти претседателскиот кабинет.
Претседателот Пендаровски ѝ се заблагодарил на министерката Ан Линде за континуираната и конзистентна поддршка којашто ја добива нашата држава од Шведска во однос на европската интеграција.
На средбата се разговарало и за европските перспективи на регионот, како и за билатералните односи меѓу двете земји.
Инаку, Пендаровски вчера имал работни средби во Малме, а потоа, од тој град до Стокхолм, патувал со воз на шведската железница.







