Особено е зголемен притисокот од грчка страна, каде што се создадени километарски колони од патници со возила кои се враќаат назад по празничниот викенд. Возачите сведочат дека движењето е забавено, а задржувањата се должат на зголемениот број на возила и граничните контроли.
Надлежните апелираат за трпение кај граѓаните и препорачуваат внимателно планирање на патувањата, со оглед на тоа што се очекува интензитетот на сообраќај да остане зголемен и во текот на денот.

Од Авто мото сојузот на Македонија информираат дека, за разлика од влезот, на граничните премини во моментов нема задржувања за излез од државата и сообраќајот се одвива непречено, без присуство на колони.
Како што претходно објавивме, Грција најверојатно нема официјално да го суспендира новиот систем за влез во Европската унија – EES (Entry/Exit System) – за граѓаните на Србија, но се очекува негова привремена суспензија во текот на летниот период, со цел да се избегнат големи гужви на границите.
Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) официјално упати барање до Министерството за туризам на Република Грција за привремено одложување на примената на новиот Влез/Излез систем-ЕЕС (Entry/Exit System -EES) на граничните премини за македонските државјани, во периодот од 1 јуни до 1 септември, 2026 година.
Иницијативата следеше по реакциите и укажувањата од туристичкиот сектор во земјава, кој предупредува дека евентуалната примена на системот во шпицот на летната туристичка сезона може да предизвика значителни застои на граничните премини, со чекања од повеќе часови.
Ова, како што посочуваат туристичките работници, директно би влијаело врз квалитетот на туристичкото искуство, но и би можело да резултира со откажување на веќе резервирани аранжмани за летување во Грција.






