Јелена Вујиќ Обрадовиќ, генерален конзул на Србија во Солун, изјави за ТВ „Прва“ дека, иако нема да има официјален документ кој би ја потврдил суспензијата на ЕЕС-системот меѓу Грција и Србија, постојат ветувања и уверувања засновани на добрите односи меѓу двете земји.
„Од 1 јуни до 30 август ќе биде суспендиран за граѓаните на Србија. Ќе се применува во ноќните часови, но нема да влијае на дополнителни гужви“, навела таа.
Во пракса, тоа значи дека во периодите со најголеми гужви контролите би можеле да се сведат на основна проверка на документи, без задржување поради биометриски процедури.
Причината за ваквите мерки е што примената на ЕЕС системот уште од самиот почеток доведе до подолги чекања на границите, што претставува голем предизвик за земјите кои во текот на летото бележат голем прилив на туристи, како што е Грција.
Иако нема официјална потврда за целосна суспензија, се очекува надлежните во пракса да ја прилагодуваат примената на системот за да се зачува проточноста на сообраќајот и да се избегне колапс на граничните премини, особено кога станува збор за туристи од Србија.
Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) официјално упати барање до Министерството за туризам на Република Грција за привремено одложување на примената на новиот Влез/Излез систем-ЕЕС (Entry/Exit System -EES) на граничните премини за македонските државјани, во периодот од 1 јуни до 1 септември, 2026 година.
Иницијативата следеше по реакциите и укажувањата од туристичкиот сектор во земјава, кој предупредува дека евентуалната примена на системот во шпицот на летната туристичка сезона може да предизвика значителни застои на граничните премини, со чекања од повеќе часови.
Ова, како што посочуваат туристичките работници, директно би влијаело врз квалитетот на туристичкото искуство, но и би можело да резултира со откажување на веќе резервирани аранжмани за летување во Грција.






