Вчера и денеска членовите на Комисијата работеа и на усогласување на содржината на записниците од минатите средби. Наредната средба ќе се одржи на 24 и 25 февруари следната година.
Според соопштението на МНР вчера и денеска биле дискутирани неколку прашања важни за работата на Комисијата.
„Се дискутираше по забелешките за учебниците по историја. Остануваат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на добри односи ослободени од политизирање на историјата. Пристапот кој се заснова на позитивните европски искуства и препораките на Советот на Европа и УНЕСКО остануваат основа во работата на македонската страна во Комисијата и од тука произлегуваат главните недоразбирања со колегите од Софија, кои остануваат на исклучивиот пристап кој е туѓ на современото разбирање на историското образование кое подразбира мултиперспективен и интердисциплинарен пристап“, се вели во соопштението на македонското Министерство за надворешни работи.






