Европската Комисија, како што стои во извештајот, е задоволна што Северна Македонија продолжува да ги исполнува критериумите за зачленување на ЕУ и што властите покажуваат јасна проевропска ориентација.
Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за отворање на преговорите за членство и властите ја демонстрираа јавно својата цврста заложба да продолжат по ЕУ патот. Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето на ЕУ реформите и ги зголеми своите напори за испорачување на опипливи резултати и натаму, пишува во за реформскиот напредок за Македонија.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ќе го презентира извештајот пред пратеници од комисијата за надворешни работи на Европскиот парламентот.
Во него уште се наведува дека ЕУ реформите се процес на долг рок кој бара постојан ангажман од владата и од опозицијата, како и од сите општествени чинители.
Македонија е поздравена во делот на усогласувањето на својата надворешна политика со таа на ЕУ со стапка од 96 отсто, што претставува зголемување од два процентни поени во споредба со 2020 година.
„Во март 2020 членовите на Европскиот Совет едногласно ја одобрија одлуката да се отворат преговорите за членство со Северна Македонија. Одлагањата во официјалниот старт на преговорите за членство имаат негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ“, предупредува Европската Комисија.
Комисијата уште смета дека билатералните прашања помеѓу Софија и Скопје мора приоритетно да бидат решени.
„Комисијата со нетрпение очекува и ја истакнува важноста од постојано имплементирање на Договорот од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од сите страни. Во согласност со заклучоците на Советот, Комисијата ја продолжува потребната подготвителна работа и очекува првата Меѓувладина конференција да се одржи што поскоро штом се усвои преговарачката рамка од страна на Советот и пред крајот на оваа година“, бара Европската Комисија.
Според министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во извештајот се дава увид во тековната година и дава препораки.
„Има нова методологија според која извештај даваат и амбасадорите на земјите членки во земјата. МНР е во комуникација со нив. Очекуваме дека извештајот ќе биде позитивен и ќе процени дека има континуитет во напредокот и посветеноста на реформите. Очекувам и во однос на кластерите по области да има напредок. Очекувам дека Комисијата ќе ги потврди и напорите што ги вложивме за решавање на односите со Софија. Одиме низ опасен терен а знаеме дека без европскиот кредибилитет овој регион може да завлезе во опасни води. Очекувам нотирање на успешниот попис и демократските избори, кои поминаа без инциденти што е знак за сериозна демократска држава и е многу тешко да се изведе во мултиетничка држава“, рече Османи за „Утрински брифинг“.
Во врска со односите со Бугарија, која е членка на ЕУ и чиешто мислење има влијание за нашиот евроинтеграциски пат, Османи вели дека разговорите продолжуваат.
„Непредвидливоста на Бугарија ни предизвикува проблем. Правевме планови за првите, вторите, третите избори во Бугари но неизвесно е дали ќе имаат политичка влада. Сега има мал застој во разговорите, но за неколку дена ќе има средба на заедничката комисија, по што ќе следи средба, четврта по ред, меѓу двете МНР, а ако има напредок ќе се сретнеме на министерско ниво, вели Османи за односите со Бугарија“, вели Османи.






