„По наредба на обвинител, Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија беше вклучен со наредби за обдукции заради индентификација и утврдување на причината за смрт кај жртвите, а со други наредби беа извршени анализи на повредите на преживеаните и нивна правна квалификација. Јас како раководител ги имав на увид сите документи што произлегоа од дадените наредби на Обвинителството“, појасни д-р Станков.
На прашање од Обвинителството на кој начин и врз основа на што ја утврдиле причината за смрт кај секој од починатите, тој појасни дека причините за смрт биле утврдувани врз основа на надворешните и внатрешните наоди, а појасни и зошто резултатите од труењето со цијанид беа подоцна подготвени.
„Причината беше утврдена врз основа на надворешниот и внатрешниот наод на судско-медицинските обдукции и резултатите од токсиколошките испитувања. Во пасусот каде што беа наведени резултатите од овие анализи ставен е и дел каде што се наведува дека сите други резултати ќе бидат дополнително доставени. Токсиколошките наоди не беа завршени истовремено, бидејќи одредени токсиколошки анализи бараат подолг период за испитување, но исто така треба да се земат предвид и огромниот број примероци што подлежеа на тие анализи. За утврдување на цијаните во крвта беше потребна прецизен метод, поради што се инсталираше нов апарат и потоа по проверката на неговата исправност беа направени сите тие анализи. Морам да напоменам дека токсиколошките анализи се работеа во континуитет и сите анализи беа извршени врз основа на дадените наредби за обдукција на починатите. Во целост се произнесовме во документот со број 24/1301-301/25-3 од 24 февруари 2026 година“, појасни судскиот вештак.

Обвинителство праша и кои беа резултатите од добиените анализи за присуство на јаглерод моноксид, односно за карбоксихемоглобин во крвта.
„Резултатите ги има во извештаите за извршените обдукции. Јаглерод моноксидот е безбоен гас, еден од водечките смртоносни реагенси кај пожари. Ја искажува својата токсичност со тоа што се врзува за хемоглобинот и има од 200 до 250 пати поголем афинитет отколку кислородот. Кога ќе се врзе за хемоглобинот, формира карбоксихемоглобин и таа врска е цврста и многу тешко раскинлива. Ова го оневозможува протокот на кислород во организмот. Јаглерод моноксидот се врзува и за миоглобинот во мускулите, што предизвикува слабост и отежнато движење, а тоа може да се види кај жртви што се задушиле од јаглероден моноксид и не можеле да се спасат заради мускулната слабост, па се најдени до врата, до телефон или во кревет ако спиеле. Јаглеродниот моноксид делува токсично и на срцевиот мускул, но не треба да се прави еквиваленција меѓу карбоксихемоглобинот најден кај преживеан или починат пациент со симптоматологијата и со смртта. Повраќање, вртоглавици, слабост, па смрт се симптомите. Кај пожарите не треба да се гледа само јаглеродниот моноксид. Тој е фактор, но има и други чинители што го поттикнуваат неговото дејство. Во пожар во затворен простор освен јаглероден моноксид се создаваат и други гасови што се токсични, просторијата многу брзо се полни со чад што при вдишувањето формира саѓе или гареж, којшто ги затнува дишните патишта, а тука е и влијанието од жешкиот воздух. Ваква манифестација е забележана и во овој настан и ги има сите овие карактеристики“, рече директорот Станков во врска со причината за смрт кај жртвите во Кочани.
На прашањето која е разлика меѓу труење и задушување со јаглероден моноксид, д-р Станков посочи дека разлика не постои, односно дека е хемиско задушување, а во суштина тоа задушување се одвива на клеточно ниво.
Обвинителството побара и резултати за присуство на цијаниди, на што Станков појасни со детали и бројки кај кого колку имало од смртоносниот гас.
„Кај 26 лица нема цијаниди, кај 11 лица концентрација до 0,6 микрограми на милилитар, кај 5 лица до 1 микрограм на милилитар, кај 9 лица до 2 микрограми на милилитар, кај 4 лица до 3 микрограми на милилитар и кај 4 лица до 5,25 микрограми на милилитар. Водородниот цијанид е безбоен гас што се создава при пожари и го има кога согоруваат полиуретани. Тој е еден од најтоксичните гасови и делува на клеточно ниво, односно го оневозможува клеточното дишење. Ако се вдише, смртта настапува од неколку секунди до една минута. Тогаш многу брзо се губи свеста, има кардиореспираторен застој и на крајот смрт. И оваа концентрација не треба да се гледа изолирано. Има и присуство на етил алкохол кај починатите, односно кај 10 лица немаше етил алкохол, кај 12 лица имаше концентрација до 0,5 грам промили, од нив 5 се деца, кај 15 лица до 1 грам промил, кај 11 лица до 1 и пол грам промил, кај 9 лица до 2 грам промили и кај 2 лица над 2 грам промили алкохол, 2,05 и 2,25“, посочи Станков.
Тој додаде дека се направени испитувања и за присуство на лекови и дроги.
„За лекови најдени се антидепресиви и седативи. Најдени се и кокаин кај 6 лица, кај едно лице кокаин и амфетамин и кај едно лице канабис. Поединечно кај кои лица, резултатите ги има во документот што го наведов. Имињата се објавени во јавноста, а тоа според мене е некоректно. Јас денес имиња нема да изнесувам. Како причини за смрт, врз основа на анализите кај 59 починати лица утврдени се, насилно задушување заради труење со јаглероден моноксид, амбиентално задушување, компресивно задушување и термичко оштетување на дишните органи. Кај останатите 4 лица причина за смрт се изгореници и оштетување на белите дробови. Значењето на алкохолот, лековите и дрогата е минорно, доминираат другите фактори што погоре ги споменав. Ова е пожар што брзо се ширел, било пренатрупано со луѓе и не можеле сите да се евакуираат, температура до 700 степени на топол воздух, тоа е температура како во крематориум и сето тоа го отежнувало спасувањето. Ако нема вентилација, кислородот брзо согорува и просторијата многу брзо се полни со чад. Јаглеродниот моноксид оневозможил тие да се движат и да се спасат“, посочи директорот на Институтот за судска медицина, криминалистика и деонтологија.
Станков денес одговараше на прашањата на Обвинителството, а на следното рочиште закажано за в среда ќе треба да одговара на прашањата што ќе му ги постави одбраната, а кои се однесуваат на токсиколошките анализи, како и обдукционите протоколи.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Катерина Додевска






