„Бидејќи не станува збор за географски голема земја, со над 100 набљудувачи може да добиете статистички значајна анализа за спроведувањето на изборите. Задоволни сме што тоа можеме добро да го направиме“, рече Де Зулуета на новинарско прашање.
Во однос на проблемите кои се регистрирани со употребата на терминалите за отпечаток од прст при гласањето, таа вели дека станува збор за нова технологија и се следи нејзината примена.
„Ние го набљудувавме отворањето на 54 гласачки места и продолжуваме со мониторингот. Ова е нова технологија и, како и гласачите, гледаме како се применува. Рано е да се дадат какви било заклучоци, но ги нотираме сите проблеми доколку ги има, како и одговорот на гласачите. Ќе видиме како ќе се одвива денот. За проценката ќе треба да почекате до утре, затоа што како што знаете, не сакаме да коментираме за време на гласањето“, рече Де Зулуета.
Таа додаде дека строго се придржуваат до упатствата од властите за заштита од ковид-19, како и дека во земјава се повеќе од еден месец и засега нема никакви инфекции.
Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР е составена од 20 долгорочни набљудувачи кои пристигнаа во земјава по 7 септември кога се отворени канцелариите на Набљудувачката мисија и оттогаш се распоредени низ земјава. Краткорочните набљудувачи се тука од средата и ќе останат до завршување на процесот на броење на гласовите. Мисијата ќе остане и за вториот круг од изборите, ако за тоа има потреба, вели Де Зулуета.
Минатата година во земјава ОДИХР имаше специјална мисија за проценка на предвремените парламентарни избори на 15 јули.






