
Законските измени заглавија на второ читање на собраниската Комисија за труд и социјална политика, на која требаше да има амандманска расправа, а на неодредено време беше одложена и пленарната седница на чиј дневен ред беше ова законско решение.
Поради роковите околу претстојните локални избори до крајот на следниот месец нема да се одржуваат седници во Собранието, што значи дека овие измени нема да се донесат според рокот предвиден од Владата.
Власта ја обвини опозицијата за кочење на донесувањето на ова законско решение, бидејќи, како што нагласуваат, ја закочила амандманската расправа на седница на Комисијата. Од СДСМ велат дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието наместо да се посветат на интересите на граѓаните, посветени се на блокади, деструкции за лични и партиски интереси.
Според партијата, во Комисијата за труд и социјална политика, „деструктивното ВМРО-ДПМНЕ ги кочи измените на законот со кои недела станува неработен ден за 92 отсто од работниците”.
Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) велат дека не ја разбираат „блокадата на ова законско решение со оглед на тоа што за него бил постигнат општествен консензус и оти тоа било усогласено и со синдикатите и со работодавачите”. Оттаму апелираа до пратениците на опозицијата, да покажат одговорност за остварување на правата на работниците.
Од опозицијата пак, се правдаат дека немале намера да го кочат носењето на ова законско решение, иако сметаат дека тоа нема да овозможи недела неработен ден за сите граѓани, поради предвидените 40-тина исклучоци кои ќе работат во недела, туку дека само барале точката од невниот ред да се дополни со информација за пожарот во кој изгоре модуларната ковид болница во Тетово заедно со уште 14 лица, што власта не го прифатила. Собранието, според опозицијата, работи во хаос и за тоа е виновна власта.
Иницијатор на измените за недела неработен ден е Сојузот на синдикатите на Македонија од каде велат дека суштината на социјалниот дијалог е да се почитува договореното и оти така јакне довербата помеѓу социјалните партнери. Со предложеното решение прецизирани се дејностите во кои неделниот одмор може да се замени и со друг работен ден и тие по проценките се неопходни за нормално функционирање на општеството. Измените предвидуваат за 50 проценти поголема дневница и слободен ден во текот на следната седмица за тие што ќе работат во недела, а се дел од овие дејности, како и 100 отсто поголема дневница и слободен ден за за оние кои ќе работат во несуштинските дејности, што е регулирано со измените во Законот за трговија.
Исклучок од неработењето во недела се продавници и штандови за продажба на сладолед, колачи, весници, апетисани во туристички центри, продавници во трговските центри, кои може да работат само една смена – од 10 до 18 часот, штандови за време на саеми и други настани, продавници за трговија на мало каде што трговијата ја врши сопственикот.
Работодавачите кои ќе го прекршат законот ќе се соочат со забрана за работа од 15 дена и прекршочна пријава. Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа, не смее да го намали бројот на вработените.
Со измените за законот за трговија трговските центри кои ќе работат во недела и на празници ќе треба да платат надоместок во висина од 2 проценти од вкупниот приход остварен во претходната година во недела и на празници, а тие средства, како што најавија од МТСП ќе се инвестираат во детски градинки.
Законот помина на владина седница на 8 јуни годинава.






