вторник, 5 мај 2026

НДИ: Кампањата заврши, борбата против насилството врз жените во политиката продолжува

Објавено на

часот

Сподели

„Во изминатиот период кампањата опфати голем број активности, кои беа презентирани на дигиталната платформа www.nezanasilstvo.mk, како и на фејсбук-страницата „Не за насилство“ чијшто број на следбеници достигна до 6.842, а нејзината содржина допре до повеќе од 1,3 милиони единствени корисници и предизвика повеќе од 110 илјади интеракции.

Во рамките на кампањата, вкупно 80 национални и локални медиуми ја потпишаа Повелбата за етичко известување за време на изборната кампања за локалните избори во Република Северна Македонија. Исто така, 17 политички партии, вклучително и 10 форуми/унии на жени го потпишаа Кодексот за фер и демократски локални избори.

Со потпишувањето, политичките партии се обврзаа на демократски изборен процес, во кој ќе се почитуваат основните човекови права и слободи, со цел постигнување транспарентни, инклузивни и отчетни избори. Истовремено, со потпишувањето на Повелбата, медиумските работници беа согласни дека во работата на медиумите ќе се почитуваат начелата на урамнотеженост, на јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите, на чесност и независност, на професионална солидарност, на уредувачка независност и професионален интегритет, на почит и толерантност, на еднакви можности на жените и на мажите, како и на слобода и одговорност.

И покрај големиот интерес на јавноста и на медиумите, како и учеството на речиси сите политички партии во кампањата, на социјалните медиуми, кандидатките за градоначалнички и советнички се соочија со коментари полни со говор на омраза, низа закани, навреди и притисоци и дискриминација, поради што Работната група за родова еднаквост, тело составено од 16 жени и мажи, претставници на 8 политички партии (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците, ЛДП, ДОМ, Алтернатива, Движење Беса) испрати реакција со осуда на сите форми на говор на омраза и дискриминација, со кои се нарушува правото на жените да учествуваат слободно и правично во изборниот процес како кандидатки.

Во следните неколку денови, во близина на Собранието на Република Северна Македонија ќе биде поставен т.н. Ѕид на срамот (Wall of shame) – платно што ќе ги прикаже навредливите коментари и пораки за политичарките, преземени од фејсбук-страницата на кампањата, активност со која ќе ја заокружиме кампањата.

Но, и покрај тоа што оваа кампања завршува, борбата против насилството врз жените во политиката продолжува. Таа борба е заедничка на целата јавност во насока на подигнување на свеста за последиците од насилството врз жените, кое не познава нација, етничка и политичка припадност. Само заедно, со здружени сили, може да ги постигнеме посакуваните резултати“, соопшти НДИ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ