Пред аудиториумот на денешната свеченост, Јованова-Грујовска потсети дека оваа година институтот одбележува 100 години од смртта на Крсте Мисирков, патрон и како што рече најзначајниот Македонец на 20 век и првиот кодификатор на македонскиот јазик.
„Одбележуваме 105 години од раѓањето на единствениот Блаже Конески, конечниот кодификатор на македонскиот јазик, 85 години од погибијата на Коле Неделковски, 20 години од смртта на великиот Петре М. Андреевски, а оваа година Македонија одбележува 60 години ‘Струшки вечери на поезијата’,… заедничко за сите нив е негувањето, чувањето и издигнувањето на македонскиот јазик. Сите книги, песни, стихови се напишани со кирилица. Кирилицата е единствена македонска азбука, таа е нашето писмо што нè дефинира пред светот, како единствени и посебни. Нашата порака е до сите граѓани во Македонија, особено до младите генерации, да пишуваме со кирилица како што пишуваат нашите родители, нашите баби и дедовци, како што пишувале нашите борци за слобода. Кирилицата е нашето богатство, нашето културно наследство што нè прави свои, препознатливи, различни, единствени во Европа и светот. Нашата задача е да создаваме на македонски јазик“, нагласи Јованова-Грујовска.
Професорката д-р Христина Николовска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура потсети дека во последниве три години во Европа отворени се три нови лекторати, а ќе се возобноват згаснатите.
„Денес свечено се потсетуваме на вековниот процес на раст на македонскиот јазик којшто се развивал со процесите на описменување, просвета, творештво, книжевност, култура и наука. Денес македонистиката е студиозна, компетентна, стабилна наука која се развива во светски рамки. Меѓународниот семинар при УКИМ е континуирано посветен на развој на лекторатите на македонски јазик во странство и на центрите во кои се изучува македонистиката. Во последните три години се отворија три нови лекторати по македонски јазик во Тирана-Албанија, во Нитра-Словачка и се возобнови стариот лекторат во Неапол-Италија. Радува фактот што во светот има голем интерес за македонскиот јазик. Пред нас е отворање на нови лекторати и возобнова на згаснатите“, најави Николовска.
За Денот на македонскиот јазик во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“-Скопје беше приредна и уметничка програма.






