„Подготвивме неколку прирачници и упатства, кои се дистрибуирани до самите училишта и до општините. Вчера веќе најавив дека ќе бидат задолжителни дежурствата на наставниците во училиштата како во ходниците така и во училишниот двор. Факт е дека тоа во некои училишта постои, но во голем број училишта сè уште не постои“, рече министерката одговарајќи на новинарско прашање по поставувањето на камен-темелник на доградба на ОУ „Гоце Делчев“ во Аеродром.
Јаневска посочи дека во минатото наставниците ја вршеле оваа улога и тоа придонесувало за подобро воспитување на учениците за разлика од сегашната практика на ангажирање обезбедување, кое чини милиони денари. Воедно, нагласи дека улогата на наставниците мора да се зајакне.
„Во минатото наставниците го правеа тоа и имаше подобро воспитување на децата отколку да ги трошиме парите на некој што не е вклучен во образовниот процес. Оние што се вклучени во образовниот процес – наставниците, стручната служба, но секако и родителите – треба да помогнат во воспитувањето на децата. А добро воспитани деца, всушност, обезбедуваат и добри, безбедни училишта. Ја зајакнуваме улогата на наставникот на секој можен начин бидејќи тие се клучни – како во образованието така и во воспитувањето. Но апелирам и до родителите: малку повеќе внимание и прифаќање на сугестиите од наставниците“, рече Јаневска.
Напомена родителите да покажат повеќе внимание и почит кон нивните сугестии.
„Некои од родителите, свесно или несвесно, не ги прифаќаат сугестиите на наставниците. Се докажува дека тоа е погрешно – малку повеќе почит кон наставниците и полека ќе се средат работите“, посочи таа.






