вторник, 5 мај 2026

Трамповото повлекување на трупите од Германија — нова опомена за Европа

Европските влади повеќе од бројот на војниците ги загрижува политичкиот сигнал од Вашингтон — дека долгогодишните сојузништва може да зависат од одлуките на Доналд Трамп и од моменталните конфликти со партнерите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Европските лидери не беа толку изненадени од самата најава на претседателот на САД Доналд Трамп дека ќе повлече илјадници американски војници од Германија, колку од начинот на кој е донесена одлуката — со малку претходно информирање или консултации, и со поврзување на тој потег со незадоволството на Трамп од германскиот канцелар Фридрих Мерц поради критиките за американското водење на војната против Иран. Тој потег, порачаа, е нов знак дека Европа мора сама да се грижи за сопствената безбедност.

Пентагон минатата недела најави дека ќе повлече околу 5.000 војници од Германија, но Трамп во саботата им рече на новинарите: „Значително ќе го намалиме бројот. И го намалуваме многу повеќе од 5.000.“

Тој потег следеше по обвинувањата на Трамп дека американските сојузници не прават доволно за да ги поддржат САД во војната против Иран, како и по неговите навестувања дека тоа значи дека Вашингтон повеќе не мора да ја почитува клаузулата за заедничка одбрана од членот 5 на НАТО.

„Она што загрижува не е бројот од 5.000 војници, туку политичкиот сигнал од Вашингтон дека долгогодишните, целосно сигурни партнерства, изгледа, повеќе не значат ништо и дека се подложни на произволни одлуки“, рече Симтје Мелер, пратеничка на германските социјалдемократи, кои се дел од владејачката коалиција на Мерц.

Европските дипломати велат дека стравуваат дека Трамп би можел да повлече нови потези што би го тестирале НАТО во пресрет на самитот на лидерите на 32 земји членки во Анкара во јули, особено ако војната против Иран до тогаш не биде завршена и ако продолжи да го истура својот гнев врз сојузниците.

„Подолгорочната цел за НАТО и европските сојузници е да се издржи до Анкара“, рекол за Ројтерс еден европски дипломат, зборувајќи под услов да остане анонимен. „Мора да работиме со Американците ако можеме, а без нив ако мораме.“

Запрашан за американската одлука, норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе рече: „Не би го преувеличувал тоа, затоа што мислам дека очекуваме Европа да презема поголема одговорност за сопствената безбедност“, пренесе Асошиетед прес.

„Не ги доживувам тие бројки како драматични, но мислам дека со нив треба да се управува на усогласен начин, во рамките на НАТО“, им рече вчера на новинарите во Ереван, во Ерменија, на состанокот на Европската политичка заедница.

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека „во НАТО мора да постои посилна европска компонента, во тоа нема сомнеж“. Тој им порача на европските партнери дека во некои од нивните меѓународни сојузи има „повеќе напнатост“ отколку што треба и дека затоа е „многу важно да се соочиме со тоа“.

Додаде дека начинот на кој лидерите ќе одговорат на напнатостите во сојузите веројатно „ќе одреди што ќе се случува во текот на многу години, можеби и за цела генерација“.

Шефицата на надворешната политика на Европската Унија Каја Калас рече дека „веќе долго време се зборува за повлекување на американските трупи од Европа. Но, секако, моментот во кој дојде таа најава претставува изненадување“.

„Мислам дека тоа покажува дека навистина мора да го зајакнеме европскиот столб во НАТО“, рече таа.

Прашана дали смета дека Трамп се обидува да го казни Мерц, кој рече дека САД се понижени од Иран во преговорите за завршување на војната, Калас одговори: „Не можам да ѕирнам во главата на претседателот Трамп, па тој сам треба да го објасни тоа.“

Европските дипломати велат дека стравуваат дека Трамп би можел да повлече нови потези што би го тестирале НАТО во пресрет на самитот на лидерите на 32 земји членки во Анкара во јули, особено ако војната против Иран до тогаш не биде завршена и ако продолжи да го истура својот гнев врз сојузниците

Мерц не присуствуваше на самитот на Европската политичка заедница во Ерменија, на кој учествуваа околу 30 европски лидери, како и канадскиот премиер Марк Карни. Сепак, неговиот портпарол Штефан Корнелиус, запрашан во Берлин дали на САД и понатаму може да се смета како на воен партнер, одговори: „Апсолутно.“

Тој рече дека трансатлантскиот сојуз се развивал со децении и оцени дека „имаме многу отпорен и широк однос“. Меѓутоа, на прашањето што Трамп мислел кога рекол дека намалувањето на бројот на војниците ќе надмине 5.000, Корнелиус рече: „Тоа треба да го прашате американската влада.“

Како одговор на заканите на Трамп во текот на изминатата година, европските земји и Канада ги зголемија издвојувањата за одбрана и напорите за регрутација на воен кадар.

Во текот на викендот, портпаролката на НАТО Алисон Харт рече дека претставниците на воениот сојуз што обединува 32 држави „работат со САД за да ги разберат деталите од нивната одлука за распоредување на силите во Германија“.

Асошиејтед прес наведува дека на европските сојузници и Канада им било јасно уште кратко по минатогодишното враќање на Трамп на функцијата дека ќе повлекува војници од Европа — некои веќе во октомври ја напуштиле Романија. Сепак, американските претставници ветиле дека сите потези ќе ги координираат со сојузниците во НАТО, за да се избегне создавање безбедносен вакуум.

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте се обиде да го намали значењето на тој потег, велејќи дека „во овој момент на американската страна постои разочараност“ во врска со европската поддршка на војната против Иран, пренесе Асошиетед прес.

Експертите за одбрана велат дека Европејците немаат многу избор освен да се обидат да ги задржат САД покрај себе, со оглед на тоа што во одвраќањето од можен руски напад во голема мера се потпираат на нив.

Во рамките на напорите да го убедат Трамп во вредноста на европските сојузници, официјални лица наведуваат дека многу европски земји ги почитуваат договорите што им овозможуваат на американските сили да користат бази на нивна територија и да летаат низ нивниот воздушен простор за време на кампањата против Иран. Сепак, како што пишува Ројтерс, не се склони тоа јавно да го истакнуваат, имајќи предвид дека Трамп и војната се длабоко непопуларни во голем дел од Европа.

Додека Шпанија забрани користење на базите на нејзина територија, Руте рече дека земји како Британија, Хрватска, Франција, Германија, Грција, Италија, Црна Гора, Португалија и Романија ги исполнуваат своите обврски.

Разлики меѓу лидерите на НАТО околу војната против Иран

Иако во сојузот постои широка поддршка за тие напори, кризата откри и длабоки разлики меѓу европските лидери на НАТО околу тоа како да се одговори на војната против Иран, пишува Ројтерс.

Лидерите на западноевропските земји како Шпанија, Франција и Германија изнесоа остри критики, одразувајќи го расположението на домашната јавност, но ризикувајќи го гневот на Трамп.

Руте, напротив, јасно стави до знаење дека ја смета антивоената реторика за бескорисна. Некои источноевропски земји, стравувајќи дека секое слабеење на НАТО би ја охрабрило Русија, зазедоа сличен став, велат дипломати.

„Кога европските земји велат: ‘ова не е наша војна’, тоа страшно ме изнервира“, рече Руте во поткастот „Што по ѓаволите се случува“ (What the Hell Is Going On), кој го води Американскиот институт за претприемништво, по состанокот со Трамп во Вашингтон минатиот месец.

Руте вчера исто така рече дека неколку земји „однапред распоредуваат клучна логистичка и друга поддршка“, вклучувајќи бродови за противмински операции, во близина на Заливот, за да бидат подготвени за можна мисија во Ормускиот теснец по завршувањето на војната.

Холандија, Белгија и Германија соопштија дека испраќаат бродови што би можеле да бидат дел од една таква мисија. Франција, која заедно со Британија го предводи планирањето на можната мисија, исто така има бродови на Блискиот Исток што би можеле да учествуваат.

„Европските лидери ја сфатија пораката, јасно ја слушнаа пораката од САД“, рече Руте пред новинарите на самитот во Ерменија.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече: „Ако САД се подготвени повторно да го отворат Ормускиот теснец, тоа е одлично. Тоа го бараме од почетокот.“

Сепак, нагласи дека Европејците не се подготвени да се вклучат во ниедна операција „што не изгледа јасно“, наведува Асошиејтед прес.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони вчера рече дека не би поддржала каква било одлука на Трамп за повлекување на американските трупи од Италија.

„Тоа е одлука што не зависи од мене и со која лично не би се согласила“, им рече Мелони на новинарите во Ереван, на маргините на самитот на Европската политичка заедница.

Запрашан дали Вашингтон би размислил за повлекување на своите трупи од Италија и Шпанија, Трамп минатата недела одговори: „Веројатно“.

Мелони додаде дека веројатно ќе се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио, кој подоцна оваа недела треба да пристигне во Рим на разговори, вклучувајќи и средба со папата Лео.

Карни: Европа нема да му се покори на „затворениот и брутален свет“

Канадскиот премиер Марк Карни порача дека Европа нема да му се покори на еден „трансакциски, затворен и брутален свет“, туку може да стане основа од која ќе се создаде еден нов меѓународен поредок.

Карни зборуваше како првиот неевропски лидер што присуствуваше на состанокот на Европската политичка заедница.

„Не мислиме дека ни е судено да му се покориме на еден трансакциски, затворен и брутален свет, а ваквите собири укажуваат на подобар пат напред“, рече тој.

Во порака што звучеше како навестување дека ерата на американското водство се приближува кон крајот, објаснувајќи ја симболиката на присуството на Канада на европскиот политички собир, Карни рече: „Моето цврсто лично уверување е дека меѓународниот поредок ќе биде обновен, но ќе биде обновен од Европа.“

„Ја покажуваме не само силата на нашите вредности во одбраната на меѓународниот поредок заснован на правила, туку и на вредноста на нашата сила“, додаде тој. „Светот поминува низ крахови на повеќе нивоа — некои ја користат интеграцијата како оружје, а правилата повеќе не ги ограничуваат хегемоните.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ