вторник, 5 мај 2026

Миленкоски без петмина интернационалци на стартот во Крушево

Петмина интернационалци ќе го пропуштат утрешниот старт на подготовките за учеството во Европската лига 2026, кој селекторот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Јошко Миленкоски го закажа на пладне во хотелот „Монтана“ во Крушево.

Објавено на

часот

Сподели

На првата прозивка ќе недостасуваат Владо Милев, Александар Љафтов, Никола Ѓоргиев, Филип Маџунков и Филип Савовски, како и еден од домашните одбојкари Стојче Арсов.

Љафтов, Ѓоргиев и Савовски имаат обврски со своите клубови во националните првенства каде играат во финалето на плејофот. Милев, кој го освои бронзениот медал со Казинбарчика во Унгарија доби неколку слободни дена од селекторот за одмор. Филип Маџунков, пак е во финална фаза на рехабилитација од повреда и комплетно подготвен ќе се стави на располагање на репрезентацијата на 13. мај во Скопје. Стојче Арсов од приватни причини е ослободен и дополнително ќе и се приклучи на екипата.

Останатите повикани веднаш ќе стартуваат со подготовките. Една седмица ќе мине репрезентацијата во Крушево, а од 13. мај се сели во Скопје, каде ќе продолжи со темпирање на формата за Европската лига 2026.

Финалната проверка на формата Македонија ќе ја има со пријателски натпревари со Црна Гора, во периодот од 27 до 29 мај во Подгорица.

Машката репрезентација првиот турнир во Европската лига 2026 го игра на домашен терен, односно во салата „Парк“ во Струмица, каде на 5 јуни ја пречекува Холандија, додека на 7 јуни игра против Луксембург.

Вториот турнир нашите одбојкари го играат во Грција, во Атина кога на 13 јуни ќе се соочат со Исланд, а ден подоцна играат со домаќинот Грција. Третиот турнир од Евро-лигата 2026 Македонија го игра на Косово, во Гњилане, каде на 19 јуни ќе се сретне со косовската репрезентација, додека на 20 јуни е предвиден мечот со Израел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ