
„Собранието како законодавен дом е вистинското место каде што наместо поларизација политичките сили треба да се обединат и да донесат заедничка резолуција.
Резолуции по националните прашања се носат и во Бугарија, и во Германија, и во Словенија, и во Романија, и во Италија. Тука зошто Македонија би била исклучок, и зошто власта не би била спремна во Собранието да отвориме расправа и да изградиме широк консензус за предлог резолуцијата за македонските црвени линии која што доколку се усвои од Собранието на Македонија нема да биде од помош само за македонската дипломатија и општество туку ќе им помогне и на нашите пријатели во рамките на ЕУ“, изјави Милошоски на прес-конференција.
Тој појасни дека предлог-резолуцијата се заснова на повелбата на ОН и на Конвенцијата за човекови права на Советот на Европа од Стразбур, па затоа сметаат дека
владејачката коалиција, опозициските партии и секој пратеник поединец би било добро да ја разгледаат оваа предлог резолуција . ВМРО-ДПМНЕ, како што најави во следниот период за ова ќе разговара со пратениците од Алијанса, Алтернатива, од ЛДП, од ДОМ, од Демократски сојуз, од Левица, и од други партии кои што ценат дека една заедничка политичка предлог резолуција ќе ги зајакне македонските дипломатски позиции, а исто така ќе упати една праведна и јасна порака и до Бугарија и до нашите пријатели во ЕУ.






