Во изјавата за медиумите Мицкоски не одговараше на прашања, но им порача на новинарите внимателно да го следат говорот, бидејќи „ќе има многу одговори на потенцијални прашања“.
„ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ја има најголемата пратеничка група во парламентот, најголем број на градоначалници во општините, најголем број на советници. Но, за жал поради политичката некултура којашто владее во Македонија, еве веќе четири години откако СДСМ е власт, сѐ уште, но за кратко време ќе бидеме во опозиција и затоа инсистираме на брзи предвремени парламентарни избори затоа што народот треба да биде претставуван согласно тоа за што гласал, а народот гласал на последните локални избори за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата“, рече Мицкоски.
Според него, важно е да се каже дека сиромаштијата е сѐ поголема, народот има проблеми со енергетиката, со струјата, економијата, не владее правото, криминалот и корупцијата се сеприсутни, катастрофа е во здравството, во образованието.
„Буквално на кој било план имаме многу лоша и траорна состојба во нашата Македонија. Ако поминавме 4 години за внатрепартиска трансформација и реформи, следат сега реформи и да ја вратиме Македонија онаму каде што ѝ е местото, а тоа е на победничките патеки“, додаде тој.






