„СДСМ е прогресивна левичарска партија и во својата идеологија, во својата платформа основата е заштита на социјалните права и работнички права. Од таму сите барања коишто се испорачуваат од страна на работниците особено организирани преку репрезентативниот синдикат Сојузот на синдикати на Македонија се легитимни.
Покрај сите опструкции коишто ги имавме од опозицијата и тука најмногу можам да кажам ВМРО-ДПМНЕ, успеавме со новото парламентарно мнозинство во петокот во второ читање да ги поминеме измените за Законот за работни односи и конечно да овозможиме од први јануари недела да биде неработен ден. Всушност, ова беше едно од клучните барања и веќе им соопштивме на средбата на претставниците на Синдикатот дека тие барања можат да сметаат дека се веќе исполнети. Она што се однесува до второто барање околу минималната плата и зголемувањето на минималната плата повторно ќе кажам дека и тука парламентарното мнозинство апсолутно ги разбира барањата и ги поддржува.
Јас верувам дека ќе се изнајде едно оптимално решение, но секако имајќи ги предвид пред сѐ потребите на работниците, социјално-економскиот статус, но и она што значи енергетска криза, економска криза, пандемиска криза. Сите овие аспекти ќе бидат земени предвид и јас верувам силно како дел од парламентарното мнозинство дека ќе го изнајдеме вистинското решение“, рече Калеска-Ванчева и потсети дека во програмата на Владата за минималната плата стои до крајот на овој мандат да биде 20.000 денари.






