„Во штабот на Гром се слави бидејќи јас влегувам во вториот изборен круг и убеден сум дека ќе се вратам на градоначалничката функција зашто ќе ја добијам довербата на граѓаните кои паметат како се работело во општината кога јас ја предводев“, вели Стевчо Јакимовски.
Тој нагласува дека неговиот пласман во вториот изборен круг е потврден уште доцна синоќа кога се споредени резултатите од аналитичките центри и на Гром и на ВМРО-ДПМНЕ, но и според сознанијата добиени од другите штабови.
„И досега добивав поддршка од симпатизери на сите политички опции кои пред се го имаат предвид развојот на општината, па така и сега очекувам за мене во вториот круг да гласаат и симпатизери на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, на Левица, како и на други партии и на невладините симпатизери кои предвид ја имаат еколошката димензија“, вели Јакимовски.
Инаку, на веб страницата на ДИК во моментов останува да се обработат уште четири отсто од гласачкиот материјал, а според тие податоци, Весковски има предност од околу 2.500 гласови пред Јакимовски.
Гром на Стевчо Јакимовски е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но на изборите во Карпош лидерот на оваа партија реши самостојно да настапи.






