
Според Изборниот законик, партиите треба изборната програма да ја претставуваат токму во периодот од 23 септември до 15 октомври, но тие се правдаат дека во овој период не се забранети средбите со граѓани, трибините и слично. Инаку, во овој период додека трае кампањата нема да заседава ни Парламентот, освен ако има потреба од итна седница, со цел, како што најави претседателот Талат Џафери, Парламентот да не се користи за изборни активности.
Распоредот на кандидатите на гласачкото ливче со жрепка беше утврден вчера на седница на ДИК, а поради актуелната ситуација со Ковид-19, не беа присутни претставниците од политичките партии, коалициите и групите избирачи. Од поголемите партии, на Единствената листа на кандидати, ДУИ е под број 3, Алијанса за Албанците под број 5, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија” под број 7, СДСМ под број 9, Алтернатива под број 10, Демократската партија на Албанците под број 11, БЕСА под број 16…. На листата се наоѓаат и помали партии, коалиции и за првпат на овие избори има голем дел независни кандидати.
Во Роковникот на ДИК предвидени се и термини до кога можат да настане промена на утврдената листа на кандидати во случај доколку некој почине од кандидатите за советници или градоначалник.
Откако Државната изборна комисија (ДИК) го утврди редоследот на учесниците на локалните избори на гласачкото ливче, најдоцна до четврток (23 септември) на полноќ треба да биде објавена Единствената листа на кандидати.
За првпат годинава на денот на изборите ќе бидат применети терминали за отчитување на отпечаток од прст на гласачите за што од страна на претставници од германската фирма „Дермалог” се спроведува едукација на членовите на избирачките одбори. Првите терминали веќе се пристигнати во земјава, а до 1 октомври треба да пристигнат и останатите.
Се уште трае и рокот за поднесување на барања за набљудување на изборите. Сите заинтересирани може да аплицираат до 6 октомври.
Избирачкиот список во којшто граѓаните имаа можност да извршат увид, согласно Роковникот на ДИК, треба да биде заклучен во петок, на 24 септември, а една недела подоцна, на 1 октомври да биде потпишан.
Изборите ќе се одржат на 17 октомври во недела и поради ковид-19, тие ќе се спроведат со почитување на сите мерки и протоколи за заштита од вирусот. Ден пред одржувањето на изборите, ќе гласаат старите и изнемоштени лица и затворениците, како и лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на ковид-19 и оние кои се во самоизолација.






