На гласачките места во 14 казнено – поправни установи своето право на глас можат да го остварат 1.409 гласачи. Сите гласачки места во затворите се отворени во 7 часот и таму гласањето ќе трае до 19 часот. До пладне, како што кажа Гугучевска, таму гласањето било без проблеми.
Во домашни услови денеска гласаат и 5.588 Болни и немоќни лица или лица во куќен притвор, чии пријави биле прифатени од општинските изборни комисии, како и 376 лица болни од ковид-19 или се во изолација поради заразната болест.
Во установите за вонсемејно згрижување своето право на глас можат да го остварат вкупно 266 гласачи, а право на глас имаат и шест внатрешно раселени лица.
Државната изборна комисија (ДИК) за набљудување на вториот круг од Локалните избори акредитираше 1.598 набљудувачи, од кои 1.220 домашни и 368 странски, како и 10 странски новинари.
Гугучевска информира дека со цел надминување на проблемите што се појавија со ракувањето со терминалите за биометриска идентификација на гласачите одржан е уште еден циклус на едукација со претседателите и замениците претседатели на избирачките одбори, а посочи дека исто така на ДИК на располагање ѝ се 400 технички лица кои би помогнале за надминување на евентуални проблеми при гласањето.
Таа повтори дел од препораките на ДИК усвоени на вчерашната седница за намалување на гужвите на избирачките места имајќи го предвид искуството од првиот круг од гласањето.
За гласачите активен е бесплатниот телефонски број 0800 555 44 на кој сите заинтересирани граѓани можат да се јават или да остават коментар до ДИК заедно со своите податоци за контакт за да добијат одговор на поставеното прашање.
И оваа година во однос на комуникацијата со граѓаните со оштетен вид, слух и говор на денот на изборите, односно утре активен ќе биде телефонскиот број 076 488 360 на кој преку видео повик ќе можат да постават прашање до ДИК и да добијат одговор на македонски знаковен јазик. За сите граѓани на располагање се интеренет страницата на ДИК www.sec.mk, како и страниците на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер и каналот на Јутјуб.
Право на глас на вториот круг на овие локални избори со изводите во кои се запишани и двете избирачки места на кои се повторува гласањето од првиот круг во Дебар и во Шуто Оризари се запишани се 1.353.990 гласачи.






