„Во врска со вашето прашање укажуваме дека ОИК Кисела Вода правилно постапила при одлучување на листите на кандидати за советници и ги имала предвид сите документи кои подносителите на листи ги приложиле согласно кои биле исполнети сите услови за наведениот кандидат за советник. Останатите прашања не се во доменот на ДИК и не се регулирани со Изборниот законик, па согласно тоа ДИК воопшто не е надлежна“, се вели во одговорот до МКД.мк на кој чекавме два дена.
Вчера објавивме текст во кој ја поставивме дилемата како е можно иста личност, Димитар Оровчанец, да биде советник во една општина, а кандидат за советник во друга општина. Притоа, ја имавме предвид одредбата од Изборниот законик според која, кандидатот треба да е жител на општината во која се кандидира. Од друга страна, Законот за локална самоуправа регулира дека мандатот на еден советник престанува на денот кога тој ќе стане жител на друга општина.
Со други зборови, ако Оровчанец станал жител на Кисела Вода, тогаш дилемата беше и дали тој може и натаму да биде советник во Карпош и да учествува во работата на Советот.
Според одговорот од ДИК, може да се заклучи дека Оровчанец сега е жител на Кисела Вода.
Поводот за дилемите беше и реакцијата на некои од учесници на претстојните локални избори, меѓу кои со писмена реакција се огласија од листата Независни за Карпош – За заштита на Карпош. Според нив, станува збор за иста личност, која учествувала неделава во работата на Советот на Карпош. Од оваа листа сметаат дека има „уздуж и попреко“ кршење на закони и дека одлуките кои биле донесени на седницата на Советот на Карпош не се валидни..






