Гласењето започна во 7 часот, сите избирачки места се отворени од избирачките одбори и процесот на гласање е во тек и во најголем дел се одвива непрчено.
Како што информираше претседателот на ДИК, Александар Даштевски на првата прес-конференција, во одредени избирачки места кои се во помал број се појавиле одредени потешкотии и околу ракувањето со уредите, дел од нив се веќе надминати, а дел тековно се отстрануваат со помош на техничките лица.
„Во некои избирачки места заради лоши отпечатоци не можат да се препознаат гласачите, гласањето тече со оставање на отпечаток во харитениот избирачки список во кој се запишани гласачите и им се овозможува да гласаат понатаму“, соопшти Даштевски.
Тој кажа и дека од ДИК е испратен меил до сите општински изборни комисии кои треба да го проследат до избирачките одбори. Меилот јавно на денешната прва прес конференција го прочита Даштевски:
„ДИК ве известува доколку гласачот неспорно е идентификуван во избирачкиот список а уредот за биометриска идентификација не го препознава и по неколку обиди на гласачот му се дозволува да гласа со оставање на отисок од прст во изводот на избирачкиот список во графата за отисок на прст. Напомена: Стариот начин на гласање со употреба на спреј и УВ лампа се применува само во случај кога уредот за биометриска идентификација на гласачот е неупотреблив или нема можност за негова замена“.
Државната изборна комисија соопшти дека првичните резултати од локалните избори добиени по електронски пат од општинските изборни комисии ги објавува сукцесивно, а во рок од 12 часа по завршувањето на изборите треба да ги објави резултатите врз основа на податоците од записниците од Општинските изборни комисии.

Општинските изборни комисии првичните резултати од изборите треба ги објават во рок од 7 часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од избирачките одбори.
Изборната комисија на Град Скопје првичните резултати од изборите за членови на совет, односно градоначалник ги објавува во рок од 10 часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од општинските изборни комисии за Градот Скопје и ги истакнува на огласна табла во Градот Скопје и ги соопштува на јавните гласила.
ДИК конечните резултати од изборите ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. Конечните резултати од изборите, ДИК ги објавува за секоја општина поодделно.






