„Со право на глас на овие избори во избирачкиот список се запишани 1.824.863 лица. Денеска, пред денот на изборите, своето право на глас можат да го остварат вкупно 10.653 гласачи. На гласачките места во 13-те казнено-поправно установи, можат да гласаат 1.899 гласачи. Сите гласачки места во казнено-поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот. До овој момент гласањето тече без проблем“, рече Даштевски.
Тој додаде дека во текот на денот, во единствениот Центар за внатрешно раселени лица своето право ќе може да го остварат и шест гласачи кои се водат како внатрешно раселени лица.
„Во установите за вонсемејно згрижување, своето право на глас можат да го остварат вкупно 351 гласач. Во текот на денешниот ден, избирачките одбори во државата ќе го спроведат гласањето на лица кои се болни и немоќни или во куќен притвор. Од општинските изборни комисии кои доставиле известување со соодветна документација во своите домови гласачкото право ќе го остварат 7.921 граѓанин кои се пријавиле за гласање“, кажа Даштевски.
Како што информираше, во своите домови ќе гласаат 476 лица, кои се во домашен карантин или им е определена мерка самоизолација поради ковид-19. Ова гласање, додаде тој, ќе го спроведат посебни избирачки одбори составени од медицински персонал и лица номинирани од политичките партии.
На новинарско прашање, дали болните, изнемоштени, затворениците или лицата во изолација гласаат со употреба на биометриска идентификација од ДИК потсетуваат дека тоа е предвидено во законот и дека тие не гласаат со употреба на уред за биометриска идентификација на гласачите.
За прв пат на овие локални избори во Македонија се воведува систем на гласање на избори, во биометриска проверка на гласачот, што значи дека пред да може да гласате треба вашиот отисок да се совпаѓа со отисокот кој го има во базата која е внесена во уредот за идентификација. Доколку дојде до уништување на уредите, ќе следуваат казни бидејќи и тие уреди спаѓаат во доверлив избирачки материјал, односно во нив се содржани отисоци од граѓаните. Доколку пак некоја од машините биде оштетена или се појави проблем, во ДИК има 15% повеќе набавени вакви уреди со цел да нема проблеми во текот на гласање.
„Доколку дојде до проблем, уредот ќе биде заменет со нов, а картичката со отисоците само ќе се префрли во новата машина и гласањето ќе продолжи“, изјави Даштевски.
Тој уште кажа дека на располагање се и два кол центри на кои може да се побара помош доколку настане проблем при процесот на гласање, односно утврдување на идентитетот кај гласачите. Доколку тоа не може да се реши преку телефон, ќе пристапат тимови за поддршка од општинските изборни комсии.
„Постои изразен интерес за набљудување на овие избори од страна на домашни и странски организации и медиуми. ДИК издаде акредитација за набљудување на 1.247 набљудувачи од кои 870 се домашни, 367 странски и 10 странски новинари“, нагласи Даштевски.
На новинарско прашање околу информацијата на Цивил дека недостигаат околу 40 лица на Избирачкиот список во казнено-поправните установи и дека избирачкото место во КПУ Идризово било отворено со задоцнување, Даштевски рече дека ДИК е најкомпетентно тело и оти немаат добиено таква информација.
„Јас ви ги кажувам официјалните податоци што ги имаме ние како ДИК, сметам дека ДИК е најкомпетентното тело, ако имаше таква информација ќе ви кажев, сметам дека не е точна таа информација“, одговори Даштевски.






