Како што кажа во обраќањето, всушност, одговор има, но различен, понекогаш дури и дијаметрално спротивен зависно од авторот или од тоа на чија страна е тој. „Единствено неспорно е дека во 2001 година имаше вооружена борба и вооружени дејствија, Република Македонија се најде во непрогласена вооена состојба“, рече Ангелов.
Според него, во конфликтот од 2001 година изгубија сите – загинаа борци и цивили од двете страни, имаше ранети, осакатени и трауматизирани, разурнати беа цркви, џамии и куќи, а државата дополнително беше осиромашена и се врати десетици години назад, и на економски и на меѓуетнички план.
Сепак, тој останува на ставот дека војната не требаше да се случи зашто Албанците, „можеби побавно, но постепено ќе ги решеа сите свои барања, без убивања“.
Ангелов истакна дека денес активно работи на процесот на помирување меѓу Македонците и Албанците.
„Ако сакаме да живееме безбедно, мора да го заокружиме процесот на помирување. Разликите за тоа што било меѓу нас останаа до денес, но немаме разлики за иднината“, нагласи Ангелов.
Тој сѐ уште е убеден дека борбата тогаш била за територија, иако повеќе припадници на УЧК, како што вели, тврдат дека се бореле за човекови права.
„Но, кој беше виновен? Сите дотогашни државни раководства кои не нашле начин да го спречат конфликтот што тлеел и се подготвувал претходно. Сепак, воопшто не било лесно и едноставно да се најде таков начин, ова можам да го кажам од денешна перспектива, 20 години подоцна“, нагласи Ангелов.
Тој кажа дека ја поздравува и поддржува „мудрата меѓуетничка политика” на актуелниот државен врв кој го промовира концептот едно општество за сите, кој, според него, има слабости, но генерално ја води државата напред и порача „да бидеме најпрво граѓани, а потоа да ги земеме предвид етничките припадности“.
Ангелов уште укажа и дека државата нема регистар, ниту прецизна бројка колку припадници на безбедносните сили учествувале во конфликтот и дека тоа мора што поскоро да се изготви.
Денешната церемонија почна со интонирање на химната на „Достоинство” и со едноминутно молчење за загинатите и починатите припадници на безбедносните сили. По обраќањето на Ангелов беше прикажан спот за „тигрите” снимен во 2002 година и документарнеи филм на „Достоинство” чија цел е, како што рече Ангелов, да се зачува меморијата за она што се случуваше во 2001-ва, но не и да се распалува меѓуетничка омраза.
Покрај членови на семејствата на четворицата починати генерали, на церемонијата присуствуваа и претседателот на државата и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, како и поранешни армиски и полициски генерали и други старешини, вклучувајќи и припадници на редовниот и резервниот армиски и полициски состав, учесници во одбраната на Република Македонија во 2001 година.






