Според обвинителството, согласно извршените вештачења во текот на истрагата сега обвинетиот делата ги вршел од ниски побуди, односно со намера да ги задоволува своите полови страсти спрема мртви женски тела.
Така, ноќта помеѓу петт и шести јануари 2025 година во село Клечовце со умисла лишил од живот повозрасна и немоќна жена. Влегол во нејзината куќа и додека таа била заспана на креветот физички ја нападнал и насилно почнал да ја задушува. Од бројните скршеници и повреди поради кои не можела да дише, жената починала.
Во точно неутврден временски период помеѓу петти и седми јуни 2025 година во село Драгоманце, на сличен начин со умисла лишил од живот уште една жена.
Третиот настан е евидентиран на 22 јули 2025 година во село Челопек, каде се обидел да лиши од живот жена која успеала да го заплаши така што викнала по нејзиниот син, па обвинетиот избегал.
„Во вечерните часови помеѓу 17 и 18 јануари 2026 година во село Старо Нагоричане, обвинетиот со умисла лишил од живот жена која била помлада по возраст, но за која исто така знаел дека е сама. Начинот на извршување на делото бил сличен како кај претходните жртви. Во селото Челопек, во вечерните часови помеѓу петти и шести јануари 2026 година обвинетиот лишил од живот уште една повозрасна и немоќна жртва. Последниот евидентиран настан е на деветти февруари 2026 година во село Челопек, каде со умисла се обидел да лиши од живот уште една жена, но се исплашил од звук што го слушнал и побегнал пред да ја реализира намерата“, информираат од Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.






