Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ најави дека во текот на денов лично ќе му ја предаде на претседателот на македонско Собрание, Африм Гаши, за да биде донесена во законодавниот дом.
Чучуљ истакна дека Акцискиот план на Националната стратегија содржи вкупно 113 мерки и 388 активности, а пред нејзино донесување спроведени се низа работилници и анкети со експерти од петте опфатени сектори во Националната стратегија. Инаку спроведувањето на фискалните импликации и активности на акцискиот план на Националната стратегија утврди дека ќе чини 216.914.000 денари или 3,3 милиони евра.
„Националната стратегија се подготвува со претставници на државни органи, институции, здруженија, фондации, приватен сектор и медиуми. Имајќи го предвид наведеното, Државната комисија одржа седум консултативни состаноци за сите хоризонтални области и сектори, со одреден број учесници, експерти и претставници на граѓанскиот сектор, на кои беа утврдени визијата, стратешките цели и приоритетните проблеми, со што беше поставен основниот фокус и патоказ за спроведување на следната фаза од процесот на подготовка на стратегијата. Во периодот ноември-декември 2025 година, Државната комисија одржа вкупно четиринаесет целодневни работилници, односно по две работилници за секоја хоризонтална област и сектор, со учество на претставници на државни органи, институции, здруженија, фондации, приватен сектор и медиуми, на кои се утврдија и потврдија мерките и активностите за надминување на приоритетните проблеми и исполнување на стратешките цели со новата стратегија. За спроведување на процесот на утврдување на визијата, стратешките цели, приоритетните проблеми, мерките и активностите во секоја хоризонтална област и сектор од Националната стратегија 2026-2030, Државната комисија доби експертска поддршка од ЕУ ИПА 2020 проектот за владеење на правото – компонента 3 Борба против корупцијата, проектот „Заедници со интегритет“, финансиран од владите на Швајцарија и Шведска и имплементиран од НДИ, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА) “, рече Чучуљ.
За хоризонталната област Јавни набавки од ДКСК наведуваат дека визијата во оваа област, која беше формирана и формулирана заедно со експертите и со сите учесници на реализираните работилници, е дека јавните набавки се транспарентни и отворени за сите учесници врз основа на недискриминација и еднаков третман, се применуваат ефикасни механизми за зајакнато откривање и санкционирање на корупцијата и за потрошените пари на граѓаните се добива најдобрата вредност.
„Таа треба да се оствари со постигување неколку поединечни цели и тоа: зајакнати капацитети и координација меѓу надлежните институции за откривање, гонење и санкционирање на корупција во јавните набавки; зајакната контрола во јавните набавки преку навремено пријавување и следење на пријавените неправилности, судирот на интереси и злоупотребите; подобрена способност на договорните органи за превенција и пријавување на корупцијата во јавните набавки; зголемена доверба и учество на економските оператори во јавните набавки. Во хоризонталната област Јавни набавки предвидени се вкупно 13 мерки и 44 активности, за чија реализација се проценети вкупно 23.982.000 денари“, рече Билјана Каракашева Шулев.
Катерина Зајковска, новиот член на ДСКС, ја образложи хоризонталната област –Надзор над спроведувањето на законите, а за постигнување на целите предвидени се вкупно 19 мерки и 97 активности. За реализација на овие активности потребни ќе бидат вкупно 68.122.000 денари.
„Надзорот е законит, се спроведува неселективно и подеднакво и казнената политика одвраќа од прекршување на законите. Поединечни цели со чие остварување треба да се постигне оваа визија се: Функционален инспекциски и управен надзор и зајакната одговорност на инспекторите, Зајакнување на човечките и техничките капацитети и интегритетот во инспекциските служби, Ефикасен надзор над финансирањето на политичките партии и политичките кампањи и Зајакнување на надзор на законодавната над извршната власт за имплементација на Националната стратегија 2026-2030, како и зајакнување на капацитетите за надзор над примената на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси во оваа хоризонтална област “, вели Зајковска.
На денешната седница на ДКСК од страна на членовите беше посочено дека во секторот Правосудство, по спроведување на сите фази на консултации, утврдено е дека работењето на правосудството и правораздавањето имаат одвраќачко дејство во однос на коруптивните поведенија и претставуваат силен фактор за намалување на корупцијата, како и следните четири поединечни цели: Независност и самостојност на (право)судството, Соодветна казнена политика која има одвраќачко дејство, односно казнувањето резултира со генерална и специјална превенција, Зајакнати капацитети за навремено откривање, гонење и санкционирање на корупцијата, Зајакната доверба на граѓаните во (право)судството. За надминување на утврдените ризици во секторот правосудство, односно за постигнување на наведените цели беа утврдени вкупно 14 мерки и 52 активности, за чија реализација се проценети вкупно 12.390.000 денари.
Што се однесува во секторот Просторно планирање, урбанистичко планирање и градежништво, по спроведување на сите фази на консултации, ДКСК ги има утврдено следниве визии: Заштита на јавниот интерес при просторното и урбанистичко планирање и почитување на професионалните стандарди во сите фази на градењето. За остварување на ова потребно е сеопфатна правна рамка која ги ограничува дискреционите овластувања и оневозможува злоупотреби на законите, Просторни и урбанистички планови кои го штитат јавниот интерес и професионалните стандарди за просторно и урбанистичко планирање, Повисок професионален интегритет и ограничени можности за судир на интереси помеѓу различните чинители вклучени во проектирањето, ревизијата на проекти, изведбата и надзорот. Во секторот Просторно планирање, урбанистичко планирање и градежништво предвидени се вкупно 11 мерки и 28 активности, за чија реализација се проценети вкупно 6.500.000 денари. Во секторот Транспорт и инфраструктурни проекти детектирани се ризици во сите фази на реализацијата на инфраструктурните проекти.
„Главната Визија на ДКСК во овој сектор е: Целисходни, економични, ефикасни и ефективни јавни инвестиции во стратешки инфраструктурни проекти, а истата ќе биде постигната преку остварување на поединечни цели: Транспарентност на постапките за планирање, реализација и надзор на стратешки инфраструктурни проекти и Функционална контрола и отчетност при спроведување на стратешките инфраструктурни проекти. Вкупниот број на мерки и активности за постигнување на целите изнесува: 9 мерки и 37 активности, а за нивна реализација се проценети вкупно 300.000 денар“, наведуваат од ДКСК.
Во секторот Здравство се детектирани следниве визии: Праведен, транспарентен, одговорен и дигитално поврзан здравствен систем заснован на интегритет, професионализам и доверба, во кој ресурсите, одлуките и услугите се следливи, управувани во јавен интерес и ставени во служба на граѓаните, поддржани од посветени и вреднувани здравствени работници.
„Поединечни цели кои треба да се остварат се: Транспарентно и одговорно управување со јавните ресурси во здравството – преку јасни правила, дигитални алатки и засилен институционален надзор. Зајакнување на интегритетот и отчетноста на институциите и здравствените работници – со јасно дефинирани надлежности, одговорности и механизми за контрола. Непристрасно, merit-based именување и ангажирање на раководни и стручни позиции – засновано на објективни критериуми, професионални квалификации и транспарентни постапки и Обезбедување достапност и правичност во управувањето со здравствените услуги, лекови и медицински средства – преку одлуки базирани на податоци, со примена на јасни методологии и еднаков третман на граѓаните. За остварување на овие предвидени цели, ќе треба да се реализираат вкупно 18 мерки и 74 активности, за чија реализација се проценети вкупно 80.420.000 денари“, велат од ДКСК.
Што се однесува за секторот Животна средина, енергетика и природни ресурси во Националната стратегија била утврдена следната Визија: Намалени ризици од корупција во областа на енергетика, животна средина и природни ресурси со почитување на принципите на транспарентност, отчетност и одржлив развој, а врз основа на законитост, интегритет, професионалност и етичко постапување.
Утврдената визија ќе се постигне преку остварување на следните поединечни цели: Унапредена законодавна и институционална рамка за спречување корупција во управувањето со ресурсите и Зајакната контрола во областа на енергетиката, животна средината и природните ресурси.
Во овој сектор за реализација се предвидени вкупно 29 мерки и 56 активности, а за реализација на овие активности се проценети вкупно 25.200.000 денари, велат од ДКСК.






