Кривичната пријава ја работи ОЈО Скопје, кое дало налог да се изврши претрес на три локации.
Докторот работи во Клинички центар „Мајка Тереза“ и тој според првичните информации од предистрагата, нарачал 199 вијали со ботокс во вредност од 615 илјади денари од компанија од Кореја и се договорил истите во фактурата да бидат декларирани како 10 парчиња козметички производи со вкупна вредност од 80 долари.
Од второосомничената, вработена како медицинска сестра во Клинички центар „Мајка Тереза“ побарал да биде наведена како примач на стоката, која му помогнала во вршење на кривичните дела на начин што се согласила нарачката да пристигне на нејзино име и адреса и фактурата ја платила од својата трансакциска сметка.
Случајот го откриле цариници од испоставата Скопје 1, кога детално прегледале поштенска пратка пријавена за увозно царинење.
Со пратката била приложена фактура во која биле наведени 10 козметички примероци и лажно било прикажано дека вредат само 80 долари. Но, ботокс препаратите биле 199 вијали и вистинската вредност им била 615 илјади денари.
Ботокс не смее да се увезува во Македонија без одобрение од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД.






