петок, 19 јуни 2026

Партијата за движење на Турците бара повторна расправа за предлог-законот за правична застапеност

Предлог-законот за соодветна и правична застапеност иако декларативно има за цел да обезбеди правична застапеност на сите етнички заедници во државните институции, предизвикува сериозни дилеми како во однос на начинот на неговото подготвување, така и во однос на неговата содржина, се вели во соопштението од Партијата за движење на Турците во Македонија (ТХП).

Објавено на

часот

Сподели

За партијата, пред сè, неприфатливо е што во процесот на изготвување на ова законско решение, мислењата и предлозите на помалубројните етнички заедници не биле соодветно земени предвид.

„Кога станува збор за закон кој директно го уредува принципот на правична застапеност, исклучувањето на помалубројните етнички заедници од процесот е спротивно на принципите на инклузивност и учество. Во својата сегашна форма, предлог-законот не нуди појасен и попредвидлив систем од досегашниот. Напротив, предложената методологија не обезбедува конкретни и недвосмислени решенија за спроведување на правичната застапеност, туку отвора простор за бројни нејаснотии. Не е доволно јасно дефинирано на кој начин институциите ќе го применуваат овој принцип и според кои критериуми ќе се оценува неговото спроведување. Ова создава ризик од различни толкувања, селективна примена и нови контроверзии во иднина“, велат од партијата.

Дополнително, велат оттаму, загрижува и фактот што во механизмите за следење и надзор повторно се занемаруваат помалубројните етнички заедници.

„Со отсуството на нивно ефективно и директно учество во надзорните процеси, уште еднаш судбината и заштитата на правата на етничките заедници се оставаат во рацете на мнозинството. Вистинската правична застапеност не се сведува само на статистички показатели, туку подразбира еднакво учество и во процесите на одлучување, следење и контрола“, ТХП.

Оттаму додаваат дека партијата и во минатото се залагала за воспоставување на поправеден, потранспарентен и поодговорен систем на правична застапеност, а таа борба ќе продолжи и понатаму.

„Нема да дозволиме прашањето за застапеноста да биде предмет на дневнополитички калкулации, да се креира зад затворени врати и да се игнорира волјата на дел од граѓаните и заедниците. Правичната застапеност не е привилегија што зависи од добрата волја на мнозинството, туку уставно загарантирано право. Затоа, сметаме дека овој предлог-закон треба повторно да се разгледа преку вистински инклузивен процес во кој активно ќе учествуваат и помалубројните етнички заедници. Потребно е методологијата да биде јасна, мерлива и проверлива, а во механизмите за надзор да се обезбеди вистинска застапеност на сите заедници. ТХП ќе продолжи да се залага за јавна администрација заснована на еднакви можности, стручност и правичност, во која ниту една заедница нема да биде игнорирана или исклучена“, велат од Партијата за движење на Турците во Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ