среда, 20 мај 2026

Сочувства од ЕУ, Грција, Србија и Бугарија за жртвите во Тетово

Објавено на

часот

Сподели

„Нашите мисли се со жртвите од ужасниот пожар во болничката единица во Тетово и со сите погодени од оваа трагедија. Го изразуваме нашето искрено сочувство до семејствата на жртвите и нашата солидарност до народот и Владата на Северна Македонија“, напишаа од грчкото МНР.

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска телефонски разговараше со македонскиот премиер Зоран Заев, и, по повод пожарот во болницата во Тетово, во име на сите српски граѓани изрази сочувство до семејствата на жртвите, јави дописникот на МИА од Белград.

„Граѓаните на Србија се во болка заедно со луѓето во Тетово. Подготвени сме да пружиме секаква братска помош, бидејќи граѓаните на Македонија не се сами во оваа трагедија“, потенцираше Вучиќ во телефонскиот разговор со премиерот Заев, соопштија од прес – службата на српскиот претседател.

Тој на повредените им посака брзо и успешно закрепнување.

Речиси сите српски медиуми од синоќа и денес ја информираат српската јавност за големата трагедија со пожарот во Ковид болницата во Тетово.

„ЕУ испраќа најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на жртвите на овој трагичен пожар во модуларната болница во Тетово специјализирана во третманот на пациентите болни од Ковид. Им посакуваме брзо закрепнување на повредените“, наведува во реакција испратена до МИА, портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро.

Сочувство изрази и амбасадорот на ЕУ во земајва, Дејвид Гир.

„Нашите мисли се со тетовци утрово по трагичниот пожар во модуларната болница. Искрено сочувство до семејствата и пријателите на загинатите и најдобри желби за брзо закрепнување на повредените“, пишува Гир на Твитер.

Министерот за надворешни работи на Бугарија Светлан Стоев изрази сочувство за синоќешната трагедија во модуларната болница во Тетово.

„Тажен сум и скршен од трагедијата со пожарот во Ковид болницата во Тетово, која однесе човечки животи! Нашето најискрено и најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите. Бугарија е солидарна со Република Северна Македонија во ова тажно време“, му напиша на Твитер шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев во пораката на Твитер до својот македонски колега Бујар Османи.

Пожарот кој избувна во модуларната болница во Тетово синоќа околу 21 часот одзеде најмалку 14 животи според првичните официјални информации. Причините за пожарот сѐ уште не се познати.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ