Во јавувањето до МКД.мк, професори велат дека Училишниот одбор бил законски формиран, дека бил објавен оглас во дневниот печат на кој се пријавил само Филиповски, кој во целост ги исполнил условите, и дека потоа со шест гласа за, еден воздржан и ниту еден глас против била донесена одлуката за негов избор. Нагласуваат дека на седницата како член бил присутен и претставник на Бирото за развој на образовението, а дека потоа инспекцијата од Државниот просветен инспекторат не нашла нерегуларности.
МКД.мк упати прашање до министерката за образование и наука Мила Царовска зошто не постапила по предлог – одлуката на Училишниот одбор, туку повторно решила со училиштето да раководи вршител на должноста. И по три дена од поставеното прашање, нема одговор од Министерството за образование и наука.
Царовска за в.д. директор ја назначи професорката Елена Дуковска.
Претходно, оставка на функцијата директор до министерката доставил вршителот на таа должност, Филип Фидановски, поради чие раководење со училиштето со месеци траеше незадоволство во училиштето и беа организирани протести. Тој во оставката навел дека не можел да го изрдржи притисокот од колегите и предлага итни реформи во образовниот систем на училиштата за уметност.

„Очекувавме дека овојпат министерката Царовска ќе ја испочитува волјата на мнозинството и законски донесената одлука на Училишниот одбор и дека така ќе стави точка на превирањата во училиштето предизвикани од незаконското и диктаторско раководење од страна на сега веќе претходниот в.д.директор Фидановски. Со заобиколувањето на нашата и волјата на Одборот, како и со незаконското назначување на Дуковска за вршител на должноста, училиштето ќе се соочи со нови превирања и уривање на седумдеценискиот трпеливо граден углед на уметничко училиште”, велат професори.
Професорите кои и во летните денови организираа протести пред Министерството за образование со барање за разрешување на директорот, кој потоа поднесе оставка, сега своето незадоволство, како што нагласуваат, од незаконската одлука на Царовска, ќе го изразат со бојкот на наставата од 1 септември и со нови протести пред Министерството.

Инаку, новиот вршител на должноста, уметницата Елена Дуковска е авторка и на еден број на спомениците од „Скопје 2014″, меѓу кои лавовите на мостот „Гоце Делчев”, лавот на плоштадот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, споменикот на Чакаларов и други.
П.Џ.






