вторник, 19 мај 2026

Демократски сојуз: Опасно сценарио на ДУИ за дестабилизација на Македонија

Демократски сојуз (ДС) најостро ги осудува вчерашните протести на студентите Албанци и обидите за политичка злоупотреба на прашањето за употребата на албанскиот јазик во правосудниот систем, се наведува во денешното соопштение на ДС. Од партијата наведуваат дека особено загрижува фактот што на протестите биле присутни и граѓани од соседните држави Косово и Албанија, што „претставува недозволив обид за надворешно влијание врз внатрешните политички и институционални прашања на Република Македонија“.

Објавено на

часот

Сподели

Како што се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз, очигледно е дека зад овие активности стои политичката агенда на ДУИ, која, според партијата, по губењето на власта се обидува преку националистичка реторика, етнички тензии и вештачки кризи да предизвика дестабилизација на државата и да обезбеди политички поени.

„Демократски сојуз смета дека правото на употреба на албанскиот јазик мора да биде гарантирано и почитувано согласно Уставот, Охридскиот рамковен договор и законите, но истовремено мора да се зачува единствениот, функционален и ефикасен правосуден систем кој функционира на македонски јазик како службен јазик на државата. Недозволиво е правосудството да стане поле за политички и етнички конфронтации или за создавање паралелни системи кои би ја нарушиле правната сигурност и единството на институциите“, велат од Демократскиот сојуз.

Оттами ја повикуваат Владата да не подлегнува на притисоци, уцени и радикални барања, туку преку дијалог и стручна дебата да изнајде европско и одржливо решение кое ќе обезбеди целосно почитување на јазичните права на сите заедници, задолжително познавање на македонскиот јазик за носителите на правосудни функции, зачувување на единствениот правосуден систем и унитарниот карактер на државата.

„Република Македонија има потреба од стабилност, владеење на правото и меѓуетничка доверба, а не од политички сценарија базирани на поделби и конфликти“, велат од Демократскиот сојуз.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ