Станува збор за Светскиот самит на лауреати (WLS), еден од најпрестижните меѓународни собири на научници, интелектуалци и добитници на најзначајните светски признанија, каде централна тема е односот меѓу човечката и вештачката интелигенција.
Во својата објава, Асоцијацијата пренесува дел од говорот на претседателката Сиљановска-Давкова од Светскиот самит на влади во Дубаи, каде таа предупреди на последиците од прекумерната зависност од вештачката интелигенција.
„Кога ВИ го дава одговорот за секунда, нашиот мозок преминува во режим на ‘мирување’“, наведуваат лауреатите, цитирајќи ја македонската претседателка.
Во објавата се издвојува и нејзината оценка дека светот и натаму функционира според „200-годишен пруски модел“ за едукација на дигиталните староседелци.
„Ако образованието остане фабрика за дипломи и транспортер за податоци, ризикуваме да станеме ‘дигитални слуги’, контролирани и надминати од алгоритмите што ги користат технолошките елити“, наведува Светската асоцијација на лауреати, повикувајќи се на тезите од Сиљановска-Давкова.
Решението? Премин од „полнење на мозокот“ кон „палење на креацијата“. Љубопитноста е единствената искра што ВИ не може да ја реплицира, објавува Светскиот самит на лауреати, пренесувајќи видео од говорот на претседателката на Македонија.






